Хеликоптерот „Блек хок“ слета на скопскиот аеродром, утре ќе биде вклучен во гаснењето на пожарот на Готен
- Хеликоптерот „Блек Хок“ од Чешка попладнево со седумчлен екипаж слета на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Скопје, 29 јули 2025 (МИА) - Хеликоптерот „Блек Хок“ од Чешка попладнево со седумчлен екипаж слета на Меѓународниот аеродром во Скопје.
Како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, хеликоптерот од утре ќе се вклучи во гаснењето на пожарот на планината Готен.
- Чешкиот Блек Хок со седумчлена посада слета на аеродромот Скопје. Утре наутро ќе почне со дејство врз пожарот на планината Готен од беровската страна, информира Ангелов.
Хеликоптерот е со големо ведро од 3,4 тони вода, а во гаснењето на пожарот ќе бидат вклучени и 62 пожарникари од Словенија кои со 18 специјални противпожарни возила се очекува доцна вечерва да пристигнат во Берово.
- И хеликоптерот и словенечките пожарникари ќе бидат упатени на гасење на големиот пожар на планината Готен од беровската страна. Во текот на утрешниот ден ќе упатиме и други национални сили и ќе се фокусираме на овој пожар, бидејќи на останатите места состојбата е благо релаксирана. Помош ни понуди Австрија со 80 пожарникари и Франција со 50 пожарникари, истакна Ангелов на денешната прес-конференција. бак/са/
Фото: МИА архива