Курти за дијалогот со Србија: Има иницијатива од Франција и Германија, но ништо дефинитивно
- Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека за дијалогот меѓу Косово и Србија, покрај една иницијатива од Франција и Германија, и тој изнел предлог за општата рамка на договорот, но дека нема

Приштина, 10 октомври 2022 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека за дијалогот меѓу Косово и Србија, покрај една иницијатива од Франција и Германија, и тој изнел предлог за општата рамка на договорот, но дека нема ништо дефинитивно, јави дописникот на МИА од Приштина.
На поставувањето камен-темелник на медицински центар во Гњилане, донација од Катар, Курти рече дека засега повеќе се работи за идеи кои кружат меѓу меѓународните центри кои посредуваат и двете засегнати страни.
- Се расправа за разните модели, но нема ништо дефинитно, а уште помалку решавачко. Повеќе има идеи кои кружат меѓу Берлин, Вашингтон, Лондон, Рим, Париз, Белград и Приштина, изјави Курти.
Информациите што ги објавија одредени медиуми во Косово и Србија дека Германија и Франција изнеле предлог за начинот на продолжување на преговорите меѓу Приштина и Белград, порано Курти ги нарече „експерименти“ и „документи без автор, кои имаат за цел мерење на пулсот на политичарите и граѓаните во двете држави“.
Меѓутоа, вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Косово го призна постоењето на документот, но не ја откри неговата содржина.
Дека таков документ постои претходно потврди и српскиот претседател, Александар Вучиќ, но, како што објавија медиумите, рече дека „не се сеќава во детали што прочитал“. иа/паг/