• понеделник, 13 мај 2024

Кумановскиот Црвен крст додели благодарници и признанија за најуспешните крводарители

Кумановскиот Црвен крст додели благодарници и признанија за најуспешните крводарители

Куманово, 18 март 2024 (МИА) - По повод Денот на основањето на Црвениот крст и Ден на крводарителството, Општинската организација на Црвениот крст Куманово, денеска во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ организираше свеченост, на која надлежните од организацијата доделија признанија на повеќекратните крводарители.

Пред присутните се обрати претседателот на организацијата, доктор Нухи Јусуфи кој истакна дека ова е начин да им се оддаде признание на сите лица кои несебично ја докажуваат својата хуманост.

- Лани се одржаа 27 крводарителски акции и собрани се 2.677 крвни единици. Граѓаните, заедницата секогаш може да смета на нашите крводарители, изјави секретарот на кумановскиот Црвениот крст Ива Младеновска.

Општинската организација активно ќе продолжи да ги стимулира крводарителите и да им оддава почит на оние, за кои рече, неретко ги повикуваат кога е неопходно да се дарува крв и да се спаси живот.

Четириесет и двегодишниот Иван Петрушевски 75-пати дарувал крв од својата 18-та година, со прекини. Повеќекратниот крводарител ги повика граѓаните да даруваат, додавајќи дека крводарувањето е корисно за здравјето и на тој начин да покажат хуманост и одговорност во заедницата.

Слаѓана Ѓорѓиевска дарува крв од 1992 година, најмалку два до три пати годишно.

-Нема поубаво чувство кога знаеш дека некому си помогнал, вели таа.

Крводарителите се инспирација кои секојдневно ја искажуваат солидарноста, хуманоста, давајќи дел од себе за доброто на другите, кажаа присутните. ам/мд/

Фото: МИА


 

 
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан