• недела, 21 јули 2024

Критики во Грција за одлуката на Сунак да ја откаже средбата со Мицотакис

Критики во Грција за одлуката на Сунак да ја откаже средбата со Мицотакис

Атина, 28 ноември 2023 (МИА) - Опозициските партии во Грција негативно ја коментираа одлуката на британскиот премиер Риши Сунак да ја откаже средбата во Лондон со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека пак владини извори за медиумите истакнале дека откажувањето е „политички непристојно“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис од неделата е во тридневна работна посета на Лондон, а денеска требаше да се сретне со Сунак, меѓутоа, се чини дека изразениот став во интервјуто за Би-би-си околу враќањето на скулптурите од Партенон беше главната причина за откажувањето на средбата, а грчките владини извори посочиле дека веројатно на британскиот премиер му пречеле овие ставови, кои „не се разликуваат од она што Мицотакис досега го кажува и се цврсти грчки позиции“.

Истите извори додале дека во секој случај, прашањето со скулптурите не се однесува на британската Влада, туку на Британскиот музеј, со кој разговараат и ќе продолжат да разговараат.

Би-би-си објави дека добиле потврда од британската Влада за откажаната средба, но и дека на Мицотакис му била понудена средба со вицепремиерот Оливер Дауден, која била одбиена од грчка страна.

Висок извор од Конзервативната партија рекол дека било невозможно да се одржи средбата по коментарот на Мицотакис за скулптурите, но и дека нивната позиција е јасна.

-Елгинските мермери се дел од постојаната колекција на Британскиот музеј и припаѓаат овде. Несовесно е кој било британски политичар да сугерира дека тоа е предмет на преговори, рекол изворот за Би-би-си.

Во Атина, реагираа и грчките опозициски партии, кои коментираа дека е неприфатлива одлуката на британскиот премиер да ја откаже средбата.

Лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис на Х напиша дека случајот со скулптурите на Партенон е прашање што не е поврзано со актуелниот премиер на Грција и ги надминува партиските конфронтации.

-Тоа е национален случај што се однесува на историјата на целиот народ. И морално прашање што се однесува на бесрамната кражба на културното богатство од неговата природна средина, напиша Каселакис

Со сличен став е и одговорниот за надворешна политика во ПАСОК, Димитрис Манѕос, кој исто така преку Х коментираше дека обединувањето на скулптурите на Партенон универзално барање и додаде дека е неопходно детално да бидат информирани од Владата.

Грчкиот премиер доцна синоќа преку писмена изјава соопшти средбата со Сунак е откажана, коментираше дека му пречи фактот што домаќинот ја откажал средбата неколку часа пред да се одржи и рече дека „Грција и Британија ги обединуваат традиционалните врски на пријателство“, а рамката на билатералните односи е исклучително широка.

- Позициите на Грција по прашањето за скулптурите на Партенон се добро познати. Се надевав дека ќе имам можност да разговарам за нив и со мојот британски колега, заедно со големите предизвици на меѓународната сцена: Газа, Украина, климатската криза, миграцијата. Секој кој верува во исправноста и праведноста на своите позиции никогаш не се плаши од конфронтација на аргументи, рече Мицотакис.

Во неделата, во интервју за Би-би-си, Мицотакис истакна дека скулптурите од Партенон, треба да се вратат во Грција, односно во Музејот на Акропол и посочи дека „тука не станува збор за враќање на предмети од спорна сопственост“.

-Сметаме дека овие скулптури ѝ припаѓаат на Грција и дека во суштина се украдени, така што ова, според мене, не е прашање на сопственост, прашањето е нивното повторно обединување, рече Мицотакис.

Објасни дека случајот со склуптурите е исто како на пример Мона Лиза да се пресече на пола и едната половина да биде во Лувр, а другата во Британскиот музеј.

-Токму ова се случи со скулптурите од Партенон и затоа продолжуваме да притискаме за договор кој во суштина ќе биде партнерство меѓу Грција и Британскиот музеј, но кој ќе ни овозможи да ги вратиме скулптурите во Грција, објасни грчкиот премиер.

Во 19 век мермерните скулптури биле отстранети од атинскиот Партенон од лордот Елгин со наводна дозвола од Отоманската империја, по што ги пренел во Лондон, каде што во 1816 година ги продал на Британскиот музеј.

Во 1983 година тогашната министерка за култура на Грција Мелина Меркури започна кампања за враќањето на скулптурите, а Британскиот музеј, како и сите британски Влади досега одбиваат мермерите да ѝ ги дадат на Грција.ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан