• недела, 22 декември 2024

Кремљ: Секакви мировни преговори за Украина без учество на Русија се апсурдни

Кремљ: Секакви мировни преговори за Украина без учество на Русија се апсурдни

Москва, 26 март 2024 (МИА) – Организирањето на каков било глобален мировен самит за Украина што ја исклучува Русија е едноставно „апсурдно“ и нема да биде успешно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков во интервју за рускиот медиум „Аргументи и факти“ изјави дека Русија ја продолжува својата војна против Украина, која трае повеќе од две години, за да се заштити од Западот.

- Може ли украинскиот проблем да се реши без учество на Русија? Одговорот е јасен – не може, рече Песков во интервјуто што го дал минатиот четврток, еден ден пред масовното пукање во концертна сала во близина на Москва.

- Затоа што Украина е претворена во инструмент во рацете на колективниот Запад, со чија помош има намера, како што изгледа, да изврши уште поголем притисок врз Русија, да ја запре Русија, додаде Песков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на меѓународен мировен самит, а претходно оваа година Швајцарија соопшти дека ќе биде домаќин и дека се разговара за датумот и деталите.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно го отфрли украинскиот мировен план кој предвидува повлекување на руските сили и враќање на границите на Украина од 1991 година, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го зазеде и анектираше во 2014 година. Тој го опиша како „неостварлив“.

Песков повтори дека планот е незамислив и ја осуди намерата на Европската унија и другите земји да користат замрзнати руски средства за помош на Украина.

- Верувам дека Европејците сфаќаат дека ќе ја оспориме таквата одлука, рече тој. јт/

Остани поврзан