• четврток, 26 декември 2024

Кремљ го чека првиот потег од Германија по навестувањата на Шолц

Кремљ го чека првиот потег од Германија по навестувањата на Шолц

Москва, 11 ноември 2024 (МИА) – Се уште не се добиени сигнали од германскиот канцелар Олаф Шолц за продолжување на дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај укажувањата на германската страна, изјави денеска во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Ако кажат дека доаѓаат сигнали, тогаш ќе треба да ги чекаме. До денес нема, рече Песков. Кремљ постојано ја потврдува својата подготвеност за дијалог меѓу двајцата лидери, пренесе ДПА.

Во гостување на АРД Шолц вчера рече дека сака да разговара со Путин во блиска иднина, но нема да го стори тоа сам.

- Претходно се потребни разговори со други лидери, рече Шолц.

Путин во четвртокот повтори дека е отворен за разговори со западните лидери, но дека не може прв да крене телефон, бидејќи тие го прекинале контактот.

Шолц последен пат разговараше телефонски со Путин во декември 2022 година за да повика на дипломатско решение за војната во Украина и повлекување на руските трупи по инвазијата во февруари истата година.

Песков рече дека Кремљ забележува одредена нервоза на Западот по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, но дека е прерано да се зборува за промени во европските позиции.

- Но, постојат официјални објаснувања од европските претставници кои се однесуваат на продолжување на нивната генерална линија на обезбедување секаков вид поддршка. И на обичен руски јазик, тоа значи пумпање оружје во Украина за да се продолжи оваа војна до крај, рече портпаролот на Кремљ. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан