• недела, 22 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска:  Го чуваме споменот на холокаустот и покажуваме истрајност во борбата за мир, слобода и демократија

Костадиновска-Стојчевска:  Го чуваме споменот на холокаустот и покажуваме истрајност во борбата за мир, слобода и демократија

10 март 2024 

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Битола оддаде почит во рамки на Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи. Костадиновска-Стојчевска положи цвеќе пред споменикот  на депортираните Евреи од Битола - „Камена менора“ и споменикот на народната хероина Естреа Овадија Мара и  беше дел од „Поворката на живите“ на која чекореа бројни битолчани, членови на Еврејската заедница, гости од Израел. Тие ја изодеа последната патека на своите сограѓани,  3 500 битолски Евреи, жртви на холокаустот, од Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до Железничката станица од каде што беа депортирани во логорите на смртта.

„Имаме морална обврска  постојано да се бориме за соживот и напредок за да успееме да го зачуваме споменот за жртвите на Втората светска војна,  потврдувајќи ја нашата истрајност во борбата за мир, слобода и демократија“, напиша на својот фејсбук профил министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа додава дека одбележувањето на Денот на холокаустот е поттик да ја потврдиме нашата посветеност кон принципите и целите на Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човековите права, затоа што, како што вели, денес се актуелни нови форми на геноцид и фашизам.

„Холокаустот беше мрачна епоха која нѐ задолжува да градиме заеднички свет за да ги спречиме таквите злосторства“, пишува министерката за култура.

Битола секогаш ќе се сеќава на ова зло од пред 81 година, за никогаш да не се повтори, вели Костадиновска-Стојчевска, која денеска беше дел од поворката која молкум им оддаде почит на битолските Евреи и положи цвеќе со порака, „никогаш да не се повтори“.

Денот на холокаустот во Битола денеска беше одбележан на Еврејстките грибишта во Битола во присуство на голема делегација од Израел. Беше положено цвеќе и каменчиња по еврејските обичаи, а Денот беше одбележан и пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара.

Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Република Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи.

Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје. Ќе започнат со оддавање почит пред Споменикот на 7 144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол, а ќе завршат со Комеморативна вечер во Меморијалниот центар на ХФолокаустот на Евреите од Македонија.
 

Министерство за култура 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Министерство за култура 


 

 

Остани поврзан