Фестивал на ракијата ќе се одржи во Кавадарци, објавен повик за доставување на мостри
- Фестивал на ракијата ќе се одржи во Кавадарци, објавен е повик за доставување на мостри, информираа денеска од Организациониот одбор на првиот интернационален фестивал на јаки алкохолни пијалаци и ликери, во изјава за МИА.

Кавадарци, 21 јануари 2025 (МИА) - Фестивал на ракијата ќе се одржи во Кавадарци, објавен е повик за доставување на мостри, информираа денеска од Организациониот одбор на првиот интернационален фестивал на јаки алкохолни пијалаци и ликери, во изјава за МИА.
Оттаму подвлекоа дека меѓу членовите на комисијата за оценување се и стручните лица енологот Елена Богева, професорите доктори Виолета Иванова Петропулос и Иван Урошевиќ, технолозите Игно Тасев, Драган Цветковиќ и Дејан Георгиевски, како и Влатко Тасев, како долгогодишен производител на ракија.
- Има повеќе категории на ракија во кои ќе се врши оценување на квалитетот. Лозова ракија, обоена и бела, овошни ракии од слива, круша, дуња, цреша, праска, црница. Ракии направени од друго овошје, бобинки и зачински билки,
специјални ракии како мастика, џин, ликери. Доколку во категориите се појават повеќе од 10 примероци од иста ракија и ликер, ќе се формира нова категорија на ракија, појаснија организаторите на настанот.
Притоа нагласија дека Тиквешијата како традиционално најголем лозаровинарски регион во државата, заслужува еден ваков фестивал за промоција на производите од грозје и презентација на мајсторството во областа на производството на ракија.
Мострите може да се доставуваат до крајот на февруари, а фестивалот ќе се одржи во месец март. свд/дма/
Фото : Плакат за Фестивал на ракијата