Две карневалски групи од Струмица учествуваа на карневал во Разлог, Бугарија
- Карневалските групи „Мулен Руж“ и „Струма“ од Струмица изминатиот викенд учествуваа на карневалот во Разлог, Бугарија каде се претставија со своите уникатни маски.

Струмица, 21 јануари 2025 (МИА) - Карневалските групи „Мулен Руж“ и „Струма“ од Струмица изминатиот викенд учествуваа на карневалот во Разлог, Бугарија каде се претставија со своите уникатни маски.
Во информацијата објавена на веб страницата на Општина Струмица се наведува дека со својот уникатен кореографски настап и впечатлива костимографија, струмичките карневалисти ја плениле публиката на Плоштадот „Преображение“, која ги пречекала и поддржала со громогласен аплауз.
Се додава дека ова учество на струмичките карневалисти е уште еден доказ за длабокото пријателство меѓу Општина Струмица и Општина Разлог и ја потврдува посветеноста на двете општини за натамошна соработка.
Инаку, годинашното издание на Интернационалниот струмички карневал ќе се одржи од 26 февруари до 5 март под мотото „Да прославиме“, а главната карневалска вечер ќе се одржи на 1 март кога низ улиците на Струмица ќе продефилираат голем број маскирани учесници од земјава и странство. рт/дма/
Фото: Општина Струмица