• понеделник, 23 декември 2024

Косовската полиција во филијалите на српската Поштенска штедилница во северно Косово запленила 1,6 милиони евра и 74,7 милиони динари

Косовската полиција во филијалите на српската Поштенска штедилница во северно Косово запленила 1,6 милиони евра и 74,7 милиони динари

Приштина, 20 мај 2024 (МИА) – Косовската полиција соопшти дека во вчерашната акција на северот на земјата, каде што беа затворени шест единици на финансиската институција „Банка поштенска штедилница“, се запленети „околу 1.600.000 евра, околу 74.700.000 динари, околу 19.500 франци, околу 13.800 американски долари, околу 40 австралиски долари“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во врска со случајот, министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави дека вчерашната акција била спроведена во „нелегална финансиска институција на Србија во Република Косово“.

„Со цел воведување законитост, по комуникацијата и на барање на надлежните институции и со овластување од обвинител, косовската полиција во соработка со Даночната управа на Косово, во четирите општини на северот на Косово, денеска ја спроведе операцијата на контрола и затворање на шест единици на таканаречената Банка Поштенска штедилница... Владеењето на редот и законот, служењето на сите граѓани без никаква разлика и понатаму ќе биде наша цел за која континуирано се обврзуваме“, напиша синоќа Свечља на својата Фејсбук страница.

Во синоќешното соопштение на косовската полиција се наведува дека во шесте филијали на Поштенска штедилница, во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, покрај споменатата сума пари, запленета е и „релевантна документација и докази поврзани со случајот“.

„Затворени се шест подружници на таканаречената ‘Поштенска штедилница’ на северот од државата, а во нивните објекти се поставени официјални знаци за нивно затворање, додека сите понатамошни полициски акции ќе се спроведуваат во соработка и координација со органите на правдата“, соопшти полицијата. иа/
 

 
 

 

 

Остани поврзан