• недела, 19 мај 2024

Кинескиот претседател во посета на Виетнам во обид да се спротивстави на растот на американското влијание

Кинескиот претседател во посета на Виетнам во обид да се спротивстави на растот на американското влијание

Ханој, 12 декември 2023 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска повика на „нова фаза“ во односите со Виетнам на почетокот на неговата прва посета на земјата по шест години, во обид да се спротивстави на растечкото американско влијание во оваа комунистичка држава.

Си ќе се сретне со лидерот на виетнамската комунистичка партија, Нгуен Фу Тронг подоцна денеска, откако, како што пишува РСЕ, Ханој ги подобри дипломатските врски со Вашингтон за време на посетата на американскиот претседател Џо Бајден во септември.

Посетата на Бајден беше дел од напорите на САД да го ограничат порастот на економската моќ на Кина и да обезбедат набавки на клучни материјали потребни за високотехнолошки производи.

Зборувајќи по неговото пристигнување на аеродромот во Ханој, Си рече дека ќе разговара со виетнамските лидери за севкупните и стратешки кинеско-виетнамски односи, како и за меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес, „за да ги поттикнат билатералните односи кон нова фаза“.

Виетнам долго време се обидува да одржува добри односи и со Кина и со САД.

Ја споделува загриженоста на САД поради зголемената самоувереност на Пекинг во спорното Јужно Кинеско Море, но има и блиски економски врски со Кина.

Виетнам и Кина, каде владеат комунистички партии, веќе делат „сеопфатно стратешко партнерство“, највисокиот дипломатски статус на Виетнам. Во септември Ханој и Вашингтон ги подигнаа односите на исто ниво.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, рече дека посетата ќе вклучи дискусии за „доведување на кинеско-виетнамските односи на повисоко ниво“.

Тоа би можело да доведе до тоа Си да побара од Виетнам да се приклучи на неговата „Заедница на заедничка судбина“, лабаво дефинирана фраза која се однесува на визијата за идна соработка за економски, безбедносни и политички прашања, наведува РСЕ. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан