• понеделник, 20 мај 2024

Катарски премиер: „Добар“ напредок во разговорите за договор за ослободување на заложниците во Газа

Катарски премиер: „Добар“ напредок во разговорите за договор за ослободување на заложниците во Газа

Доха, 29 јануари 2024 (МИА) - Катарскиот премиер Мухамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани попладнево соопшти дека е постигнат „добар напредок“ во разговорите со шефовите на разузнавачките служби на САД, Израел и Египет за новиот договор за ослободување заложници меѓу Израел и Хамас.

Говорејќи на вебинарот на Атлантскиот совет, Ал Тани рече дека претстои да се достави рамковниот договор на Хамас, со надеж дека групата „ќе се вклучи позитивно и конструктивно во процесот“.

Тој вели дека сегашната фаза на разговори може да доведе до траен прекин на огнот „во иднина“, што се чини дека имплицира дека терористичката група размислува за привремено примирје, нешто што досега го отфрлаше, пренесува Тајмс оф Израел. 

Во меѓувреме, Ен-Би-Си њуз, повикувајќи се на свои извори, соопшти дека нацрт-планот веќе е доставен до Хамас.

Предложениот договор би овозможил ослободување на преостанатите американски и израелски заложници, почнувајќи од жените и децата, соопштил изворот на Ен-Би-Си њуз. Се посочува и дека тоа би било проследено со етапни прекини во борбите и испорака на помош во Газа, заедно со размена на палестински затвореници.

Во вчерашното соопштение од Кабинетот на израелскиот премиер, како што пренесе Гардијан, беше истакнато дека разговорите во Париз со цел да се постигне договор за заложниците биле „конструктивни“, но дека се уште постојат значителни празнини.

фото: архива

Остани поврзан