• петок, 15 ноември 2024

Кампања „Секој куршум има мета. Слави со срце, не со оружје“

Кампања „Секој куршум има мета. Слави со срце, не со оружје“
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Кампањата „Секој куршум има мета. Слави со срце, не со оружје“ што ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи и УНДП има цел да ја подигне свеста на граѓаните за последиците од славеничкото пукање и да се намали бројот на вакви инциденти. Кампањата се спроведува во исто време во Северна Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“, што се реализира со финансиска поддршка на Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а е поддржан и од Европската Унија. Минатата година заклучно со крајот на минатиот месец, според статистичките показатели, полицијата евидентираше 14 случаи кои се поврзани со злоупотреба на оружје при веселби и прослави. Речиси сите тие се кривично-правно финиширани, што резултираше со седум кривични дела „предизвикување на општа опасност“, едно кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“, како и шест прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Граѓаните треба да бидат свесни дека не постои безбедно неовластено пукање, информираат од Министерството за внатрешни работи. -Славеничкото пукање од радост и прослава за едно семејство може да се претвори во трагедија за друго семејство. Веруваме дека не постои човек кој би сакал заради неколку моменти на славење да повреди друго човечко суштество. Сепак славеничкото пукање е реалност и токму затоа УНДП постојано ги поддржува напорите на МВР да се намалат сите случаи на злоупотреба на малото и лесно оружје и со тоа да се создадат побезбедни заедници за сите граѓани, порачуваат од Канцеларијата на УНДП во Скопје. Пукањето на веселби е неовластено пукање, без оглед дали лицето што го држи пиштолот има дозвола за носење огнено оружје. Неовластеното пукање е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и подлежи на парична глоба од 200 до 500 евра. Според член 288 од Кривичниот законик, пак, неовластеното пукање е кривично дело и во зависност од последиците подлежи на затворска казна од една до пет години. Испуканиот куршум не исчезнува. Куршумот испукан во воздух за период од 20 до 90 секунди ќе падне на земјата, се разбира во зависност од аголот на пукање. Тоа оловно зрно може да заврши во непосредна близина, но и дури три километри подалеку од местото на пукање. Едноставно - секој испукан куршум има мета, а таа мета може да биде некое дете кое се враќа од училиште, нечија сестра, нечиј брат, сопруг или сопруга. Чинот на пукање на свадби, при раѓање на дете и на други веселби е длабоко вкоренет во традицијата на Балканот, а исклучок не е ниту Северна Македонија. Во минатото, особено во планинските региони, пукањето било начин на комуникација. Преку истрелот, членовите на семејството, најчесто од машки пол, ги известувале околните села за убавите вести. Според истражувањата на SEESAC, заедничка иницијатива на Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) и Советот за регионална соработка (РЦЦ) чија цел е воспоставување контрола над носењето и употребата на малото и лесно оружје, во нашата земја луѓето главно не се чувствуваат безбедно во близина на огнено оружје. Дури 63,3 отсто од жените и 50,6 отсто од мажите во Северна Македонија се изјасниле дека се чувствуваат помалку безбедно кога во нивниот дом има пиштол. Платформата за следење инциденти поврзани со оружје (Armed Violence Monitoring Platform - AVMP) на SEESAC регистрирала 124 вакви случаи во 2021 година на територијата на Западен Балкан. Дури 76,8 отсто од нив биле извршени со нелегално оружје. мд/аа/

Остани поврзан