• понеделник, 23 декември 2024

ИЈЗ: Нови 44 случаи на голема кашлица од 5 до 11 април, вкупно 443 заболени

ИЈЗ: Нови 44 случаи на голема кашлица од 5 до 11 април, вкупно 443 заболени

Скопје, 12 април 2024 (МИА) - Нови 44 случаи на голема кашлица се пријавени од 5 до 11 април, со намалување од 10,0 отсто споредено со претходниот седмодневен период. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје. Пријавени се случаи и во Битола - четири и по еден случај во Куманово, Кратово и во Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 75 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Од новите 44 случаи, два се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Заклучно со 11 април, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 443 случаи на голема кашлица, со инциденца од 24,1/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 355 или 80,1 отсто со зафаќање на шеснаесет различни општини. Од територијата на ЦЈЗ Куманово се пријавени 25 лица, од ЦЈЗ Битола 19, 17 лица од ЦЈЗ Тетово, од ПЕ Гостивар - пет и од ЦЈЗ Кочани и ПЕ Кратово по три случаи. По два случаја се регистрирани во Крива Паланка, Дебар, Струга, Пробиштип, Велес и во Струмица, а по еден случај е регистриран од Кичево, Прилеп, Кавадарци и од Гевгелија, пишува во извештајот.

Од вкупниот број регистрирани случаи - 433, 263 или 59,4 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза вакцина до заболување, изнесува 12,9 години.

Од заболените, хоспитализирани се 60 лица и тоа 49 од нив на возраст до четири години.

Дадени се вкупно 39.031 доза вакцина што содржи компонента против голема кашлица во периодот од 18 јануари до 11 април. бд/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан