• вторник, 30 април 2024

Иран се надева на обновување на дипломатските односи со Египет

Иран се надева на обновување на дипломатските односи со Египет

Техеран, 25 декември 2023 (МИА) - По повеќе од 40 години заладени односи, Иран се надева на обновување на дипломатските врски со својот политички ривал, Египет.

-Разговорите досега ветуваа и двете земји се на добар пат да ги надминат разликите и наскоро да отворат ново дипломатско поглавје, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани, пренесе ДПА.

Повторното воспоставување на односите, според Канани, ќе биде од корист не само за двете нации, туку и за исламскиот свет, а особено за Палестинците во услови на актуелниот конфликт во Појасот Газа.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и неговиот египетски колега Абдел-Фатах ал-Сиси се сретнаа за прв пат во ноември на маргините на исламскиот самит во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.

Според извештаите на иранските медиуми, двајцата претседатели се согласиле за акционен план за решавање на минатите разлики и олеснување на затоплувањето на односите.

Двајцата разговарале телефонски минатата недела за најновите случувања во Појасот Газа и планот за акција, објави иранскиот претседателски кабинет.

Односите меѓу Техеран и Каиро беа напнати во последните четири децении.

Каиро ги поддржа сунитските арапски нации кои често се во конкуренција со Иран во кој доминираат шиити. Египет, исто така, склучи мировен договор со Израел, кој Иран го гледа како свој главен непријател. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан