• петок, 22 ноември 2024

Иранскиот претседател повика на нов поредок на Блискиот Исток

Иранскиот претседател повика на нов поредок на Блискиот Исток

Њујорк, 25 септември 2024 (МИА) – Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на нов политички поредок на Блискиот Исток во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Пезешкијан рече дека присуството на странски сили во регионот „е привремено и води кон нестабилност“, и повика на поголема соработка меѓу соседните земји.

- Нашиот развој и напредок се меѓусебно поврзани, рече Пезешкијан, нагласувајќи дека Техеран „се труди да ја заштити сопствената безбедност, а не да создава несигурност за другите. „Ние сакаме мир за сите и не бараме војна или кавга со никого“, додаде тој.

Осврнувајќи се на последната ескалација на Блискиот Исток, иранскиот претседател уште еднаш ги осуди постапките на Израел.

- Природно слепиот израелски тероризам во изминатите неколку дена во Либан проследен со масовна агресија со илјадници жртви не може да остане без одговор, рече тој.

- Одговорноста за сите последици ќе ја сносат оние влади кои ги спречија сите глобални напори за ставање крај на оваа ужасна катастрофа и имаат смелост да се нарекуваат шампиони за човекови права, рече Пезешкијан.

Иранскиот лидер повика на прекин на огнот во Газа за „да се стави крај на очајното варварство на Израел во Либан пред да го зафати регионот и светот“.

Додека Иран ја поддржува палестинската милитантна организација Хамас во Појасот Газа и шиитската милиција Хезболах во Либан, тој главно се воздржува во конфликтот откако Пезешкијан стана претседател на крајот на јули.

Претседателот, исто така, ја сигнализираше подготвеноста на Иран да ги продолжи нуклеарните преговори. За време на неговата изборна кампања, тој ја најави својата намера да бара подобри односи со Западот. Неговите советници и министри се искусни дипломати кои се стремат кон нови нуклеарни преговори, пренесува ДПА.

Пезешкијан, кој се смета за умерен, рече дека планира да го искористи своето обраќање на 79-та сесија на Генералното собрание во Њујорк за да го подобри меѓународниот углед на Иран.

Иран е во голема економска криза откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор во 2018 година и повторно воведоа нови санкции. Разговорите за заживување на договорот се замрзнати со години. Раководството на Иран е се поизолирано поради политиката на Блискиот Исток и поддршката за руската војна против Украина. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан