„Интјуитив машинс“: Превртувањето на приземјувачот „Атена“ значи предвремен крај на мисијата
- „Атена“ се преврте на површината на Месечината на 6 март и, сепак, испрати фотографија, којашто беше само доказ за неговата неповолна положба што го спречи да генерира енергија.

Хјустон, 12 март 2025 (МИА) - Мисијата на американската воздухопловно-вселенска компанија „Интјуитив машинс“ (Intuitive Machines) заврши порано од планираното откако нивниот приземјувач „Атена“ (Athena) се преврте на површината на Месечината. И, тоа не е единствената штета, се наведува во известувањето.
„Атена“ се преврте на површината на Месечината на 6 март и, сепак, испрати фотографија, којашто беше само доказ за неговата неповолна положба што го спречи да генерира енергија. Затоа, мисијата заврши само еден ден по слетувањето на лендерот. Сепак, овој инцидент не значеше само пропаст за приземјувачот, бидејќи тој содржи мини-ровер, т.е. „Мобилната самоуправувачка платформа за истражување“ (МАПП). Тој, исто така, успеа да испрати корисни податоци на Земјата пред недостатокот на енергија да ја заврши мисијата, но не можеше да стигне до површината на Месечината.
Компанијата „Лунар аутпост“ (Lunar Outpost), во чијашто сопственост е „МАПП“, соопшти дека собрала одредена количина податоци. Станува збор за ровер долг 45 сантиметри за различни товари што го преживеа слетувањето, но состојбата на „Атена“ го оневозможи неговото излегување.
Планот бил да се тестира „ЛТЕ / 4-Г“ (LTE/4G) комуникацискиот систем на „Нокија“ за Месечината и да се соберат примероци коишто требаше да ѝ бидат продадени на американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА за симболичен 1 долар. Тоа ќе беше и своевиден правен преседан во користењето вселенски ресурси во светот. Засега, ниту една од овие цели нема да се постигне.
Но, податоците на „МАПП“ собрани на патот до Месечината ја потврдија ползата од голем број системи и компоненти, кои ќе бидат користени за претстојните мисии на „Лунар аутпост“.
„Со нетрпение очекуваме нови мисии, имајќи го предвид и 'Лунарното патување 2' (Lunar Voyage 2), за истражување на Месечевата област Рејнер Гама, како и враќањето на Јужниот Пол на 'Лунарно патување 3'. Исто така, следи првата мисија на австралиски ровери на Месечината, наречена 'Лунарно патување 4'. Со оглед на способностите прикажани во Вселената, очекуваме да покажеме што нашите системи за движење може да постигнат“, соопшти „Интјуитив машинс“.
Воздухопловно-вселенската компанија има намера да ја лансира својата трета мисија подоцна оваа година. Со неа, според предвидувањата, роверот „Лунарното патување 2“ ќе биде пренесен на нашиот природен сателит. „Лунар аутпост“, инаку, се натпреварува за договор со НАСА за производство на ровери, наменет за пробна мисија пред мисијата на НАСА - „Артемис 5“, планирана за 2030 година. си/рп/
Фото: МИА архива