• понеделник, 23 декември 2024

Иницијативата на Герасимовски пред Лога и Бочварски, конфискуваните дивоградби да ги користат граѓаните

Иницијативата на Герасимовски пред Лога и Бочварски, конфискуваните дивоградби да ги користат граѓаните

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ќе ја презентира Иницијативата за нелегалните објекти место да се рушаат да се вратат во служба на граѓаните пред ресорните министри за правда и транспорт и врски. Герасимовски утре ќе се сретне со министерот за правда Кренер Лога, а в понеделник ќе оствари средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Како што соопшти Општина Центар, министрите од градоначалникот Герасимовски ќе се запознаат со причините и потребите Иницијативата да се имплементира во законски решенија. Наведуваат дека Иницијативта е нужна, не само за општина Центар, туку и на сите општини во државата.

- Целта на Иницијативата е да најде и произведе решение и можност безправно изградените објекти, наместо да се рушат како што налагаат досегашните законски норми, да се пренаменат во функција на општината, се вели во соопштението.

Герасимовски претходно за медиумите изјави дека според постоечкиот закон на нелегалните објекти со динамит им се рушат потпорните ѕидови, по што останува грда слика на просторот.  - Такви дивоградби во општината има неколку. Колку за илустрација за една градба на Водно потребни се 5 милиони денари за уривање, но само онеспособување, а не целосно отстранување на нелегалниот објект. Затоа со оваа Иницијатива ќе се штеди буџетот на Општината, но и ќе се добијат нови објекти кои може понатаму да бидат пренаменети за различни цели и намени од кои полза ќе имаат граѓаните, рече Герасимовски.

Герасимовски побара средби со Бочварски и Лога бидејќи двата закони во кои треба да се интервенира доколку се прифати Иницијативата, како предлагачи се јавуваат двете министерства.

-Станува збор за Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка за кој како предлагач на законски измени е Министерството за правда и Законот за постапување со бесправно изградени објекти, за кој како предлагач на законски измени е Министерството за транспорт и врски, информира Општина Центар.

На седница на ЗЕЛС во Валандово, Герасимовски по презентацијата на Иницијативата, како што се наведува, доби широка поддршка од градоначалниците.

- Примената на Иницијативата и според колегите градоначалници е неопходна, бидејќи безправните објекти се проблем кој го црпи буџетот во секоја општина, стои во соопштението.

Од Општина Центар информираат дека градоначалникот Герасимовски на дискусија ќе ги покани и скопските градоначалници со цел заедничко дејствување за општините по конфискацијата на дивоградбите да ги пренаменат и да ги искористат за потребите на граѓаните. мд/са/

Фото: Општина Центар 

Остани поврзан