• петок, 22 ноември 2024

Индија и се закани на Канада, 41 канадски дипломат ја напуштија земјата

Индија и се закани на Канада, 41 канадски дипломат ја напуштија земјата

Њу Делхи, 20 октомври 2023 (МИА) - Четириесет и еден канадски дипломат веќе ја напуштија Индија поради несогласувањата околу убиството на сепаратистичкиот водач на Сиките, јави Би-Би-Си.

Министерката за надворешни работи на Канада Мелани Жоли вчера потврди дека многу канадски дипломати и членовите на нивните семејства ја напуштиле Индија и дека поради намалениот број на персонал, Канада ќе мора да ги ограничи своите услуги во земјата; главно во Бангалор, Мумбаи и Чандигар.

Пред две недели, Индија побара од Канада да го повлече најголемиот дел од својот дипломатски персонал и се закани дека ќе го откаже нивниот имунитет доколку останат. Канада има 62 дипломати во Индија, а Индија порача дека 41 треба да ја напуштат земјата, пишува Би-Би-Си.

Канадските власти рекоа дека заканата е кршење на меѓународното право. Односите меѓу Индија и Канада се сериозно затегнати откако канадските власти соопштија дека имаат веродостојни информации за вмешаноста на Њу Делхи во убиството на лидерот на сепаратистичкиот водач на Сиките и канадски државјанин Хардиб Синг Ниџар (45) во јуни во канадска провинција.

Индија ги отфрли обвинувањата како апсурдни и во септември, како одговор на протерувањето на висок индиски разузнавач од Канада, протера канадски дипломат и исто така ги суспендираше визите за Канаѓаните. ссм/

фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан