• петок, 17 мај 2024

Измените на Законот за академија за судии и јавни обвинители и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го поминаа комисискиот филтер во Собрание

Измените на Законот за академија за судии и јавни обвинители и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го поминаа комисискиот филтер во Собрание

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) – Предлог измените на Законот за академија за судии и јавни обвинители и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и Предлог-законот за рибарство и аквакултура го поминаа комисискиот филтер во Собранието на Северна Македонија.

На денешната 73. седница на Комисија за европски прашања по паузата пред која комисискиот филтер го помина и Предлог-законот за правда на децата, пратениците дискутираа за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка, чија цел е да овозможи непречено одвивање на приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители.

Според измените, во Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во член 40 се додаваат два нови става кои овозможуваат писмено полагање на испит, во случај кога не функционира електронскиот систем за полагање. 

Според пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, власта брза со оваа измена за да се примат нови слушатели кои што се веќе на списокот за вработување на владејачките партии, а со писменото полагање, според него, можноста за злоупотреба и влијание е голема.

- Зошто власта брза со оваа измена, затоа што треба да се примат 130 нови слушатели. Но, тие 130 веќе се на списокот на владејачките партии и кога полагате електронски можноста за злоупотреба е минимална, но, кога полагате писмено, можноста за субјективно влијание е голема, рече тој.

Дополни дека власта е заинтересирана да го направи ова, затоа што, како што рече, веќе има список на луѓе кои што имаат резервирано по максимални 100 поени од испитот.

- На списокот на власта кој што треба да освои 100 поени од писмениот испит е Мики Крстев, актуелен заменик министер од СДСМ за локална самоуправа, Дитмире Шеху, од ДУИ, член на Државната изборна комисија, Дарко Герамитчиоски, советник од СДСМ во Општина Прилеп, Александар Глигоров, од СДСМ Струмица, син на претседателот на судот во Струмица, Емил Глигоров, Менде Секуловски, син на виш јавен обвинител, Кире Секуловски од Битола, кој е вработен во моментов во ДИК. На овој список е и Самира Демири, член во правната комисија на Алијанса во Струга, Зури Арслани од ДПА од Струга, поранешен директор на агенцијата за вработување од Струга, наброја Милошоски.

Тој образложи дека полагањето на писмениот испит е дел од процесот на засновање на работен однос што, како што посочи, е во спротивно со изборниот законик кој не дозволува постапки за вработување додека се распишани изборите.

На ова му реплицираше министерот за правда, Кренар Лога, кој појасни дека има временска динамика како ќе треба да се направи потпишувањето на работниот однос.

- Има временска динамика како ќе треба да се направи до потпишување на работниот однос. Тука јас сум подготвил како ќе течат овие временски рокови до потпишување. Во јуни ние ќе ги имаме конкретните резултати со кои ќе се направи објавувањето на административните права кои ги прави примањето на актите, рече министерот.

Според пратеничката Снежана Калевска Ванчева од СДСМ, етикетирање и цитирање на имиња, не е во ред.

- Добро знаете кои се влезните критериуми за академијата. Во историјата на постоењето на академијата н судии и јавни обвинители не знам кандидат што добил 100 поени, е како одеднаш точно знаете кои кандидати што се пријавиле ќе добиеле 100 поени. Наместо да поздравите дека ова е најобемната генерација, сѐ уште ние не сакаме да прифатиме и сакаме работите да се движат по старо, рече таа.

На денешната седница на натамошна постапка во Собранието на РСМ поминаа и Предлог на закон за рибарство и аквакултура, по скратена постапка и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, исто така, по скратена постапка, кој беше дополнет со комисиски амандман од пратеничката Вјолца Адеми од ДУИ. ар/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан