• среда, 08 мај 2024

Изложба „Жените и спортот" во Европската куќа Крива Паланка

Изложба „Жените и спортот

Крива Паланка, 9 март 2024 (МИА) - Изложба посветена на жените во спортот, македонски спортистки, олимпијки е поставена во Европската куќа Крива Паланка во пресрет на годинашните Олимписки и Параолимписки игри во Париз.

Изложбата ја приреди aмбасадата на Франција во Северна Македонија, како омаж на врвни спортистки од нашата земја со цел промоција на олимпиското и неговите вредности.

Ирена Кетоф, аташе за соработка во амбасадата на Франција во Северна Македонија, на отворањето на изложбата рече дека повод за креирање на изложбата била некоја пригода пред повеќе од една година, во која група млади луѓе запрашани да набројат успешни жени - спортистки од нашата држава, не набројале ниту три.

-Автор на фотографиите е Маја Аргакијева, која навистина успеа да креира автентични фотографии од осум олимпијки, македонски спортистки и една млада исклучителна спортистка, која викендов треба да ја оствари олимписката норма за учество на годинашните олимписки игри во Париз. Ова се жените кои, преку нивната инспиративна посветеност и достигнувања се вистински пример за трите олимписки вредности: извонредност, почит и пријателство: Ана Цветановска − нордиско скијање, Анамарија Георгиевска − таеквондо, Арбреша Реџепи − џудо, Дрита Исљами Бафтири − атлетика 400 метри со пречки, Ива Пројковска − фудбалски судија од рангот ФИФА, УЕФА и ФФМ, Катерина Николоска - џудо, Милијана Рељиќ − таеквондо, Наташа Мешковска − пливање 200 метри пеперутка и Пулексенија Јованоска − карате, рече Кетоф.

Истакна дека на помалку од една година од Олимписките и параолимписките игри во Париз 2024, првите игри на кои ќе биде адекватно застапена родовата еднаквост, односно еднаков број на машки и женски спортисти, изложбата има цел да ги промовира врвните спортистки од нашава земја и да ги претстави пред пошироката млада публика.

На настанот присуствуваа претставници од Амбасадата на Франција во Северна Македонија, ученици: основци и средношколци од Крива Паланка, млади франкофони заедно со професорката Елена Николовска, амбасадор на францускиот јазик во земјава, младите кошаркарки - репрезентативки од Кошаркарски клуб „Крива Паланка“, професори ,тренери од градот.

Изложбата ќе биде достапна за јавноста во следните десетина дена, а на 15 март во Европската куќа ќе се одржи и работилница за зајакнување на девојките преку спорт која преку „Спорт соушл Солушн“ ќе ја реализираат Пуликсенија Јованоска, Наташа Мешковска и кошаркарката Едина Муса. ид/свс/

Фото: Европска куќа Крива Паланка

Остани поврзан