• недела, 22 декември 2024

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје

Скопје, 26 септември 2024

Основниот граѓански суд Скопје, претставуван од судијата Јованка Спировска Панева, го одби барањето за повторување на постапката за надомест на нематеријална штета поднесено од тужителот Горан Трпеновски. Образложението на судот во пресудата е неприфатливо, бидејќи се оспорува својството на новинарите кои работат или работеле во онлајн медиуми имплицирајќи дека тие не се новинари. Во пресудата, судијката нагласува дека новинарот Трпеновски не можел да биде присутен во Собранието во својство на новинар, повикувајќи се на „постоечки материјално правни прописи“. Овој пристап ја загрозува медиумската слобода и правата на новинарите кои известуваат преку онлајн платформи, и отвора врата за понатамошни ограничувања на нивната работа.

Оваа судска пракса поставува двојни стандарди за правата на новинарите, особено имајќи предвид дека пред десетина дена колешката Душица Мрѓа доби делумна правда од истиот суд. Со оваа пресуда, Мрѓа доби надомест на штета по два основи – претрпен страв и повреда на правото на слобода на изразување. Дополнително, освен двојните стандарди, оваа пресуда не само што го доведува во прашање правото на новинарите да бараат правна заштита, туку создава потенцијално опасна практика која стимулира цензура и заплашување на медиумите.

Судската постапка на Трпеновски се однесуваше на барањето за надомест на штета по настаните од 27-ми април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија, при што новинарот Трпеновски, тогашен известувач за онлајн медиумот Сакамдакажам.мк, професионално ги покриваше настаните.

За потсетување, голем број новинари и сниматели беа спречени да ја вршат својата работа на овој настан, при што дел од нив се соочија со закани и физички напади. Повеќе од седум години по овој инцидент, дел од новинарите сè уште се принудени сами да ја бараат правдата пред судските институции, бидејќи државата не успеа да ги заштити.

Потсетуваме дека Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), поради пресудите на судијата Јованка Спировска Панева, на 17-ти ноември 2023 година организираа новинарски протест со слоганот „Правото на граѓаните пред интересот на моќниците“.

 

Здружение на новинарите на Македонија

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан