• сабота, 23 ноември 2024

Златен 50 годишен јубилеј на Основното училиште со ресурсен центар „Маца Ѓорѓиева Овчарова“ од Велес

Златен 50 годишен јубилеј на Основното училиште со ресурсен центар „Маца Ѓорѓиева Овчарова“ од Велес

Велес, 22 март 2023(МИА) - На големата сцена на велешкиот Народен театар синоќа беше одбележан златен – 50 годишен јубилеј работа на полето на образованието на децата со попреченост на поранешното посебно училиште, од пред две години преименувано во Основно училиште со ресурсен центар „Маца Ѓорѓиева Овчарова“.

На свеченоста беа евоцирани спомени и настани од 50 годишното успешно постоење и образование на овие ученици, а сега возрасни лица кои и самите на сцената евоцираа спомени од своето школување во ова училиште, како и некои од нивните родители.

На крај сите заедно и учениците, поранешни и сегашни и присутните гости од ваквите училишта во земјава како и наставниците заедно заиграа и запеаја на сцена на песната „Игри беа граници“ од Тоше Проески. А сето тоа беше пратено со аплаузи од бројната публика во велешкиот театар.

Во ова училиште изминати 50 година освен од Велес и поширокиот велешки регион, се школуваат и сместуваат ученици од градовите и селата од целото Повардарие.

На настанот беше потсетено дека основач на паралелка за учениците со попреченост во 1959/60 бил наставникот Ангел Љутков, дефектолог, кој со оваа хумана дејност се занимавал се до пензионирањето.

о 1973 година на иницијатива на тогашните дефектолози кои работеле во истурените паралелки во постојните основни училишта во Велес била донесена одлука за формирање на тогаш наречено Специјално основно училиште, а одлуката ја потврдило и Општинското собрание со дозвола за изградба на училиштето.

За прв директор била назначена Мира Величковска која раководи со него се до трагичната смрт во сообраќајна несреќа во 1996 година. Заслужни за формирање на ова училиште се и Ѓоре Поп Стефанов, проф. д-р Љупчо Ајдински, проф. д-р Славчо Керамитчиевски, дефектологот Величко Андреевски, како и наставниците Никола Попов и Орце Р’жаров, кои за жал се сите починати. Работата на училиштето започнала во 1973 година со 131 ученик со лесна ментална ретардација и 11 наставници.

Актуелната директорка м – р Мирјана Петрушевска потенцира дека во изминатите 50 години наставниците професионално, посветено и одговорно секогаш со нив и покрај нив ги едуцираат воспитуваат и рехабилитираат овие ученици и ги подготвуваат на патот кон зрелоста и иднината, да бидат рамноправни членови во локалната и пошироката општествена заедница.

- Лично сум многу горда од целиот овој успех и ентузијазам што постои во училиштето. Успешните училишни приказни ги градиме и создаваме со помош на нашите патни и сојузници во целата приказна-родителите на нашите ученици. Заедно ја споделуваме радоста и среќата на секој постигнат успех на децата. Заедно ја делиме болката во националните кризи. и на релаксација и задоволство од активностите во различни работилници, културни и спортски манифестации, потенцира Петрушевска.

Таа информира дека во изминатите две години училиштето претрпе трансформација и ја прошири својата дејност. Така што денеска тоа е современо Основно училиште со ресурсен центар за поддршка и имплементација во процесот на инклузија на учениците од 31 училиште во 11 Општини Вардарскиот регион и дел од Источниот регион во државава, а имаат и 95 образовни асистенти.

На свеченоста беше промовирана и обемната монографија со фотографии текстови и документи од историјата на сега ОУ со ресурсен центар „Маца Ѓорѓиева Овчарова“ насловена „50 години Раст и развој низ лавиринтот на детскиот свет 1973-2023 „што ја подготви психологот од училиштето Соња Гаврилова со своите колешки м-р Мирјана Петрушевска, Татјана Попова и Марија Давчевска.

Свеченоста беше збогатена со настап на детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентство на проф. Веселинка Маџарова и самата поранешен професор во ова училиште како и Балетското студио „Анабела“ чии млади балерини настапија заедно со учениците од ОУ со ресурсен центар „Маца Ѓорѓиева Овчарова.

Имаше и заеднички настап со ученици од ОМУ „Стефан Гајдов“ како и настап на фолклористите од ова училиште заедно со образовните асистенти како и настап на актери од велешкиот театар.

Воедно во холот на театарот имаше и изложба на фотографии од настани и активности на учениците и наставниците во изминатите 50 години, и како и хуманитарна изложба на уметнички слики, а собраните средства ќе бидат наменети за идни активности на учениците од ова училиште. ад/ир

 

Остани поврзан