Битолскиот историски архив збогатен со материјал од македонската дијаспора во Австралија
- Историскиот архив во Битола збогатен е со материјал, документи од македонската дијаспора во Австралија. Од Државниот архив-Одделение во Битола, за МИА информираа дека добиле подарок од Цветан Петровски-Целе, снимател од Мелбурн, материјал кој значително ја збогатува архивата на архивот.
Битола, 4 август 2025 (МИА) - Историскиот архив во Битола збогатен е со материјал, документи од македонската дијаспора во Австралија. Од Државниот архив-Одделение во Битола, за МИА информираа дека добиле подарок од Цветан Петровски-Целе, снимател од Мелбурн, материјал кој значително ја збогатува архивата на архивот.
-Историјата на македонската дијаспора од Австралија е застапена во Државниот архив преку групата архивски фондови од документите кои се донесени од теренски истражувања. Институцијата континуирано се залага за нивно збогатување со нови материјали кои ќе бидат од полза на истражувачите и кои со предавањето стануваат дел од меморијата на македонскиот народ. Приватниот имател Цветан Петровски-Целе од Мелбурн го посети Државниот архив-Одделение Битола и подари архивски материјал во електронска форма, кој го опфаќа културниот, политичкиот, црковниот живот и многу други активности од национален карактер на Македонците од Мелбурн децении наназад. Петровски како снимател имал можност да ги евидентира сите позначајни настани кои се случувале во овој град, а биле поврзани со македонската заедница, информираа од битолскиот Историски архив.
Во Државен архив-Одделение Битола, во 2024 година формиран е фонд бр. 1098 „Цветан Петровски-Целе” од претходно подарен архивски материјал.
-За соработката и подарениот материјал, ние како Архив јавно се заблагодаруваме на Цветан Петровски за покажаната општествена и национална одговорност за зачувување на националната меморија, нагласија за МИА од битолскиот Архив. мт/дма/
Фото: Историски архив Битола