• вторник, 05 ноември 2024

Зеновиќ: Напредок во 30 поглавја и стабилност во европската интеграција на Црна Гора

Зеновиќ: Напредок во 30 поглавја и стабилност во европската интеграција на Црна Гора

Подгорица, 31 октомври 2024 (МИА) - Европската комисија (ЕК) во најновиот извештај нагласува забрзување на европската интеграција на Црна Гора од почетокот на работата на 44-та влада, истакнувајќи ја политичката и надворешнополитичката стабилност на земјата, изјави главниот преговарач на Црна Гора со ЕУ, Предраг Зеновиќ за порталот РТЦГ.

Тој го оцени извештајот како најпозитивен и најеохрабрувачки досега, но и како јасна порака за сложеноста на натамошниот европски пат на Црна Гора.

- Извештајот нагласува забрзување на европската интеграција од почетокот на работата на 44-та влада, истакнувајќи ја политичката и надворешнополитичката стабилност на Црна Гора. Оваа година се карактеризира со успеси во реформите за владеењето на правото, одржување на меѓувладини конференции, завршување на реформската агенда и добивање позитивен оценка за исполнување на обврските за влез во ЕУ, рече Зеновиќ.

Постигнат е напредок во 30 од 33 поглавја, при што Црна Гора по првпат доби позитивна оценка во областа на владеењето на правото од почетокот на преговорите. Зеновиќ нагласи дека постигнатиот напредок во преговорите се должи на работата на Министерството за европски прашања и на преговарачката структура, кои добија признание за својот труд.

- Динамиката и силата на преговорите е показател дека треба да го зајакнеме тимот и капацитетите во сите ресори, вклучително и Министерството за европски прашања, кое е контролен и координативен центар на целиот процес на европска интеграција, додаде тој. ссм/

фото: архива

Остани поврзан