• сабота, 17 август 2024

Зека: Американските компании избегнуваат соработка со оние од Косово

Зека: Американските компании избегнуваат соработка со оние од Косово

Приштина, 16 август 2024 (МИА) – Директорот на Американската стопанска комора во Косово (АЦЦК), Ариан Зека вели дека заладените односи меѓу Владата на Косово и Соединетите Американски Држави негативно се одразуваат на странските инвестиции во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Зека во интервју за приштинската телевизија Теве1 изјави дека има случаи кога американски компании избегнуваат соработка со оние од Косово „поради влошената безбедносна состојба“ во земјата.

„Имаме случаи кога американските компании избегнуваат соработка со компании од Косово поради влошената безбедносна состојба во последните две-три години, а тоа е пак поради тензиите на северот на земјата. Правната и физичката несигурност што се пренесува од нашата земја има влијание врз привлекувањето странски инвестиции, бидејќи тие се важни фактори и се земаат предвид од потенцијалните инвеститори“, рече челникот на АЦЦК.

Според Зека, постигнувањето договор за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија ќе биде од корист и за инвестициите од странство, додека координацијата на владата со сојузниците ја оцени како витална. иа/

Остани поврзан