• сабота, 21 декември 2024

Италијанскиот амбасадор во Москва повикан на разговор во МНР поради новинарскиот тим на РАИ во Курск

Италијанскиот амбасадор во Москва повикан на разговор во МНР поради новинарскиот тим на РАИ во Курск

Москва, 16 август 2024 (МИА) - Руското Министерство за надворешни работи го повика италијанскиот амбасадор во Москва на разговор поради, како што се наведува, „нелегално преминување на границата" од страна на тимот дописници на италијанската државна телевизија РАИ, кои оваа недела известуваа од делови на руската област Курск под контрола на украинските трупи.

Во соопштението објавено на веб-страница на Министерството, МНР наведува дека амбасадорот добил силен протест во врска со постапките на новинарскиот тим на италијанската државна телевизија и радио (РАИ), кој, како што се истакнува, нелегално влегол на територијата на Руската Федерација.

РАИ во средата го емитуваше првиот извештај на странски медиуми од рускиот град Суџа, кој беше снимен во почетните фази на украинската офанзива врз Русија минатата недела.

Претходно денеска, каналот База на Телеграм, кој е близок до руските власти, објави дека Министерството за внатрешни работи планира да отвори кривични постапки против двајца новинари на РАИ поради нелегално преминување на границата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан