• недела, 22 декември 2024

Приватен авион се урна во Средоземно Море за време на авионско шоу во Франција, пилотот загина

Приватен авион се урна во Средоземно Море за време на авионско шоу во Франција, пилотот загина

Париз, 16 август 2024 (МИА) -Приватен авион „Фуга Мажистер“ денеска се урна во Средоземното Море, во близина на француското крајбрежје, за време на авионско шоу. Пилотот загина, соопштија локалните власти.

Првично беше објавено дека пилотот, роден во 1959 година, е исчезнат, но неговото тело беше пронајдено во морето кратко по трагедијата.

Авиошоуто беше дел од одбележувањето на 80-годишнината од сојузничкиот десант во Прованса.

Француските воздухопловни сили (ВВС) потврдија дека авионот што се урнал бил во сопственост на приватна асоцијација. Поради несреќата, ВВС го откажа своето учество на шоуто.

„Пилотите и целата заедница на воздухопловните сили сакаат да ја изразат својата солидарност во овој тежок момент“, се наведува во соопштението на ВВС.

Локалните медиуми пишуваат дека урнатиот авион е колекционерски „Фуга Мажистер“, кој се користел во 1950-тите години и бил познат по својата голема способност за маневрирање.

Несреќата се случи само два дена по судирот на два француски воени авиони во источниот дел на земјата, при што загинаа двајца војници. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан