• петок, 17 мај 2024

За 9,9 отсто помалку случаи на грип од претходната недела, Кавадарци најголемо жариште

За 9,9 отсто помалку случаи на грип од претходната недела, Кавадарци најголемо жариште

Скопје, 8 февруари 2024 (МИА) - Во текот на петтата недела од 2024 година - од 29 јануари до 4 февруари, во државата се пријавени 1.675 случаи на групни пријави за заболени од грип -заболувања слични на грип. Тоа претставува 9,9 отсто помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со петтата недела од минатата сезона, е зголемен за 2,3 пати, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

-Во текот на оваа извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнаа 57 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и Ковид-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектирани се 15 позитивни случаи на Influenza: 14 Influenza А(H1)pdm09 и 1 Influenza А(H3). Регистрирани се два пациента со SARS-CoV-2, се наведува во извештајот.

Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст до четири години.

- Заболените се пријавени од 27 ЦЈЗ/ПЕ, во Кавадарци – 371, Скопје – 186, Битола - 169, а во останатите, бројот на пријавени е помал или еднаков на сто и педесет. Во три извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во 13 сезонска, во осум средна, во Ресен и Крушево - висока и во Кавадарци - многу висока активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.

Во сезоната 2023/2024, вкупниот број на случаи на грип - заболувања слични на грип изнесува 8.662, што во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 48,9 отсто, а во однос на моделот од последните 13 сезони, има зголемување од 10,5 проценти.

- Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се осум починати лица асоцирани со грип, три од Скопје и по едно лице од Куманово, Неготино, Гостивар, Демир Хисар и од Штип, пет од возрасната група на лица од 15 до 64 години и три од возрасната група на лица над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип. Кај осумте лица е докажан Influenza А(H1)pdm09, покажуваат податоците на ИЈЗ.

Од ИЈЗ заклучуваат дека се забележува стабилизирање на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност.

Заклучно со петта недела од 2024 година, во земјава вакцинирани се вкупно 61.677 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. бд/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан