• понеделник, 23 декември 2024

Стјуарт Пич за МИА: Време е сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ

Стјуарт Пич за МИА: Време е сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ

Скопје, 11 март 2023 (МИА) - Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич во интервју за МИА порача дека сите македонски политичари треба добро да размислат што е во најдобар интерес за државата и за граѓаните, кои живеат во неа и нагласи дека е време сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија.

Одговарајќи на прашање за уставните измени и фактичката состојба дека реално во моментов не е обезбедено потребното двотретинското мнозинство, со оглед на тоа што опозицијата е децидна дека нема да поддржи промена на Уставот и опстојува на ставот за предвремени избори, Пич изјави дека би било нечесно кон луѓето од оваа земја да се одложи европскиот пат на кој различни влади напорно работеле во текот на многу години.

- На ова не треба да се гледа само како победа на Владата што е на власт сега, тоа е победа на сите претходни влади и пред се за македонските граѓани. Свесни сме дека патот не беше лесен и дека имаше многу препреки во текот на годините и затоа ги охрабрувам сите политичари да не дозволат политиката да влијае врз една од најважните стратешки цели уште од осамостојувањето на Северна Македонија. Потребен е заеднички напор за Северна Македонија да стигне до повеќе од заслуженото членство во ЕУ, нагласи Пич.

Тој изрази загриженост поради неодамнешните тензии во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, но додаде и дека е уверен оти постои значителен степен на добра волја кај сите страни и верува дека ќе се најде решение.

- Северна Македонија и Бугарија се земји членки на НАТО, сојузници и со исти гледишта. Во однос на моменталните односи, двете земји треба да го земат предвид поширокиот контекст и геостратешките поместувања во регионот. Обединетото Кралство продолжува да ги охрабрува и Северна Македонија и Бугарија да продолжат да работат на подобрување на билатералните односи што ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, вели Пич.

Во однос на бугарските клубови во земјава, кои имаат називи поврзани со фашистичкото минато, Пич нагласува дека е потребна сензитивност околу моќта на симболите, јазикот и историјата, особено во контекст на Западниот Балкан.

- Знаеме дека ова е регион каде историските личности различно се паметат од различни заедници и затоа е многу важно изразувањето на идентитети да не дава дополнителни основи за поделби. Слободата на здружување и изразување се важни, но исто така е важно, би рекол императив, да се избегнуваат навреди, вели Пич.

Во интервјуто со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан зборувавме и за безбедносната состојба по руската воена агресија во Украина, за можностите за прелевање на кризата во регионот на Западен Балкан, за обидите на трети страни за дестабилизација на регионот, за хибридните закани. 

Во продолжение следува целото интервју со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, заедно со видео материјал.

Граѓаните на Северна Македонија ја перцепираат корупцијата како еден од клучните проблеми во земјата и Владата треба да покаже дека се справува со овој проблем, порача во интервју за МИА, спе

Бевте во посета на Скопје кон крајот на минатата година, сега повторно сте тука, имавте средби со државниот врв, каков е вашиот впечаток сега по неколку месеци во однос на политичката состојба, реформите, состојбата со корупцијата и каква порака испративте на сите овие средби?

-Ви благодарам и мило ми е што повторно се гледаме. Од клучно значење е Северна Македонија да ги спроведува реформите без одлагање, иако за активностите што се преземаат денес ќе биде потребно време за истите да станат видливи за граѓаните. Она што е важно е да се направат конкретни чекори што е можно побрзо на полето на владеење на правото, доброто владеење, човековите права и заштита на малцинствата. Обединетото Кралство ја поддржува амбициозната реформска агенда на Северна Македонија, вклучително и реформите што треба да се спроведат за членство на земјата во Европската Унија. Анкетите тука покажуваат дека јавноста, граѓаните на Северна Македонија ја перципираат корупција како проблем. Владата треба да покаже дека се справува со овој проблем. Постоење на независен систем за назначување заснован на заслуги, на пример транспарентен изборен процес на лица на клучни позиции, вклучително и за судии, членовите на Комисијата за борба против дискриминацијата и лица на високи раководни позиции претставува добар почеток, заедно со потребата за транспарентност и отчетност во многу јавни институции. Обединетото Кралство финансиски ја поддржува Северна Македонија во справување со овие аспекти преку повеќе програми.

Постои заладување на односите Скопје-Софија, по серијата провокации, кои доведоа и до закана од бугарски политичар кон македонскиот претседател. Има најави за ново бугарско вето за отворање на поглавјата по завршувањето на скрининг процесот во ноември, како ги оценувате македонско-бугарските односи во моментов?

- Ова не претставува ново вето, туку е одржување на тековното вето и многу е важно сите партнери да работат на поддршка на добрососедските односи и агендата на соработка. Тоа е заедничката евроатлантска иднина во која веруваме и сигурен сум дека сите што не гледаат ќе се согласат оти има повеќе работи што ги зближуваат граѓаните на Северна Македонија и Бугарија отколку такви што ги раздвојуваат. Минатото лето Бугарија го усвои т.н. француски предлог и објави дека ќе го отстрани ветото за започнување на преговорите на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ. Условот што го постави претседателот Радев е Бугарите да бидат додадени во малцинските заедници во рамките на македонскиот Устав.

Досега нема мнозинство во Парламентот во Скопје да се исполни ова, но важно е сите во Македонија, Македонците да се обединат за да ја исполнат оваа обврска. Ние сме загрижени поради неодамнешните тензии во билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, но јас сум уверен дека постои значителен степен на добра волја кај сите страни и дека ќе се најде решение. Северна Македонија и Бугарија се земји членки на НАТО, сојузници и со исти гледишта. Во однос на моменталните односи, двете земји треба да го земат во предвид поширокиот контекст и геостратешките поместувања во регионот. Обединетото Кралство продолжува да ги охрабрува и Северна Македонија и Бугарија да продолжат да работат на подобрување на билатералните односи што ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.

Споменавте дека заедничката соработка е потребна од двете страни, сметате ли дека е провокација отворањето на бугарски клубови во Северна Македонија, кои се именувани по историски личности, кои и според светската историографија се поврзуваат со фашизмот?

- Како поранешен претседавач на Кралскиот воен музеј, треба да бидеме сензитивни околу моќта на симболите, јазикот и историјата, особено во контекст на Западниот Балкан. Знаеме дека ова е регион каде историските личности различно се паметат од различни заедници и затоа е многу важно изразувањето на идентитети да не дава дополнителни основи за поделби. Слободата на здружување и изразување се важни, но исто така е важно, би рекол императив, да се избегнуваат навреди. Сакаме да видиме намалени, не зголемени тензии и важно е сите да работат на смирување на тензиите и да се фокусираат на градење на мостови меѓу луѓето, како што е тоа случајот со заедничката Мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Вашиот министер за надворешни работи Бујар Османи неодамна се сретна со претставници од организации на бугарската заедница во Северна Македонија и двете страни потврдија дека нивните активности ќе бидат насочени кон намалување на тензиите помеѓу Скопје и Софија. Гледано од регионален контекст, не треба да го потцениме фактот дека оние кои можат да имаат корист од спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија ги користат тие провокации за свои цели и тоа е лошо за сите во регионот.

Опозицијата е децидна дека нема да поддржи уставни измени, кои, пак согласно преговарачката рамка се услов за преговорите, и бара предвремени избори, власта има ново мнозинство, но не и двотретинско. Како ја оценувате моменталната состојба?

- Сите македонски политичари треба добро да размислат што е во најдобар интерес за вашата земја и вашите граѓани. За жал, продолжуваме да гледаме „одлив на мозоци“ и младите луѓе продолжуваат да емигрираат во странство. Последните анкети покажуваат дека граѓаните се разочарани и сметаат дека Северна Македонија се движи во погрешна насока. Луѓето во Северна Македонија сакаат и заслужуваат подобар животен стандард, чист воздух, добро образование, висококвалитетен здравствен систем, без разлика која политичка партија е на власт.

И би било нечесно кон луѓето од оваа земја да се одложи европскиот пат на кој различни влади напорно работеле во текот на многу години, уште од поднесувањето на кандидатурата за членство на земјата во ЕУ во 2004 година. Време е сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. На ова не треба да се гледа само како победа на Владата што е на власт сега, тоа е победа на сите претходни влади и пред се за македонските граѓани. Свесни сме дека патот не беше лесен и дека имаше многу препреки во текот на годините и затоа ги охрабрувам сите политичари да не дозволат политиката да влијае врз една од најважните стратешки цели уште од осамостојувањето на Северна Македонија. Потребен е заеднички напор за Северна Македонија да стигне до повеќе од заслуженото членство во ЕУ.

Господине Пич присуствувате на Минхенската безбедносна конференција, имавте куса средба со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, од која упативте порака Западен Балкан да остане на патот на ЕУ, но истовремено и да биде приоритет за ЕУ. Дали регионот е приоритет за Европската Унија, имајќи ги предвид безбедносните предизвици со кои се соочува Европа, но и регионот?

- Тоа е прашање за Европската Унија. За Обединетото Кралство, Западниот Балкан секако е приоритет. Ние имаме многу блиска соработка за широк спектар на прашања, за одбраната, со партнерите и сојузниците на НАТО во регионот, за миграцијата со Албанија или преку трговијата, на пример, имаме над 2,2 милијарди фунти во билатералната трговија меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.

Неодамна се одбележа една година од руската воена агресија врз Украина, но и според она што беше заклучено на Минхенската безбедносна конференција, но и според последните случувања, како да не се гледа крајот. Дали ситуацијата може да стане полоша и да ескалира и во други земји, на пример и во регионот на Западен Балкан?

- Руската нелегална инвазија на Украина го зголеми ризикот од нестабилност на Западен Балкан. Русија користи дезинформации, други алатки за да ги влоши веќе постоечките тензии на Западниот Балкан, со цел да се предизвика нестабилност и всушност да се спречи или запре евроатлантската интеграција на сите земји во регионот. Обединетото Кралство продолжува исклучително сериозно да ја сфаќа заканата од руската држава и продолжуваме да работиме со сите наши партнери, сојузници и пријатели за да ги искористиме сите капацитети против противници кои се обидуваат да ја поткопаат нашата колективна безбедност на Западен Балкан и на други места.

Регионот има нерешени прашања, кои може да доведат до дестабилизирање, сведоци сме на обидите за решавање на спорот Белград-Приштина, најавена е средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Охрид на 18 март, на која домаќин ќе биде премиерот Ковачевски. Што очекувате од средбата, но и воопшто од досегашниот тек на преговорите?

- Обединетото Кралство го поздрави напредокот постигнат во преговорите предводени од ЕУ меѓу Приштина и Белград за договор кон нормализација на односите и го правиме тоа како основа за одржлив долгорочен договор. Јасно е дека има многу работа и што да се направи пред состанокот на 18 март. Тој состанок, благодарение на Северна Македонија што ќе биде домаќин на истиот, ќе биде клучен момент за да се постигне понатамошен напредок. Следните чекори за да се договори план за имплементација ќе бидат клучни, со лидерство и флексибилност клучни за да се обезбеди позитивен исход, а Обединетото Кралство продолжува и ќе продолжи целосно да го поддржува овој процес.

Дали отворените прашања на Балканот оставаат простор за руско или други влијанија во регионот?

- За жал да, оставаат простор. Руското влијание го загрозува целиот меѓународен систем и има цел, како што реков претходно, да ја запре, да ја одложи или да ја попречи евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан и на други земји. Поради нелегалниот, континуиран и неиспровоциран напад на Русија врз Украина, сега е апсолутно од критично значење Западниот Балкан да добие поддршка и да напредува со демократските реформи и да демонстрира единство.

Една од главните теми на Минхенската конференција беа хибридните закани, во интервјуто што го дадовте за МИА, кога бевте претседавач на Воениот комитет на НАТО пред повеќе од две години, порачавте дека пропагандата не се уништува со пропаганда, туку со факти. Како да се справат државите во овој наплив на хибридни закани, со кои се соочуваме и ние тука во Северна Македонија? 

- Од последниот пат кога се сретнавме и го направивме интервјуто, хибридните напади станаа уште поголем предизвик. Сите сојузници на НАТО се соочуваат со закани и предизвици од државни и од недржавни актери. Хибридните активности сега се користат за таргетирање на политичките институции, да се влијае на јавното мислење и да се поткопа нашата безбедност. Секој ден гледате примери за тоа и во вашата земја и во мојата земја. Затоа, земјите мора да ја зајакнат својата национална отпорност, да ја зајакнат свеста и да ја подобрат способноста да ја разберат сликата за хибридни закани, да се спротивстават на дезинформациите, да разговараат за новите форми на хибридно војување, да работат заедно и да преземат мерки за подобрување на нашата отпорност.

Како Велика Британија се справува со хибридните закани?

- Велика Британија ја препознава оваа закана веќе подолго време. И јас работев на тоа долго време. Како што расте заканата, ние продолжуваме да го развиваме нашиот одговор и во однос на сложеноста и на глобално ниво. И сите ние треба да го прилагодиме нашиот одговор и да го засилиме. Треба да бидеме обединети, транспарентни, да ги почитуваме правата, но и да се осигураме дека сме усогласени и меѓусебно се зајакнуваме. Ќе ви дадам неколку примери. Би можеле и треба да разменуваме знаење преку достапни разузнавачки анализи, да следиме и разоткриваме непријателски информации, како тие ги спроведуваат овие операции, како се појавуваат нови тактики. Сите тие активности ги поткопуваат нашите демократии и предизвикуваат реална штета.

Ние, исто така, спроведуваме стратегиски комуникациски кампањи за да се спротивставиме на дезинформациите во еден глас, колективен глас. Заеднички се претставуваме во однос на комуникациските услуги за да ја разбереме и подобриме ефективноста на интервенциите, да се спротивставиме на дезинформациите на Интернет и како што неодамна разговаравме за ова во Горниот дом. Треба да ги обединиме постојните иницијативи како што се Законот за онлајн безбедност на Обединетото Кралство и Кодексот на однесување на Европската Унија. Дополнително, продолжуваме да ги координираме донациите за ефективно финансирање на иницијативи за разбирање и разоткривање на заканата од дезинформации и за поддршка на независните медиуми.

Ана Цветковска

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан