• сабота, 18 мај 2024

Зајакнување на партнерството меѓу локалните самоуправи и граѓанските организации за подобра иднина на регионот

Зајакнување на партнерството меѓу локалните самоуправи и граѓанските организации за подобра иднина на регионот

Сараево, 5 октомври 2023

Изминатите два дена, третата конференција на Регионалната програма за локалната демократија на Западен Балкан 2 (ReLOaD2) беше платформа за споделување искуства и промовирање на клучните теми за подобрување на соработката помеѓу локалните власти и граѓанското општество во регионот на Западен Балкан. Конференцијата, која се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, обедини учесници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во активни дебати за постоечките практики, проблеми и влијанието на општествено - политичките настани врз граѓанските организации на локално ниво.

Конференцијата беше клучен чекор напред за поддршка на регионалниот развој и зајакнувањето на локалната демократија. Главна цел на настанот беше да се процени моменталната состојба и да се поддржи градењето поволна клима за поттикнување цврста соработка помеѓу граѓанските организации и локалните власти.

„Со цел зголемено учество на граѓанскиот сектор на локално ниво, во процесите на донесување одлуки за градење подобра и инклузивна локална заедница, Општина Велес останува посветена на поддршката и воведувањето нови, технолошки современи процеси, како што е дигитализацијата, кои претставуваат олеснителна околност за поедноставување на процедурите при аплицирање на проекти од граѓанскиот сектор”, изјави Владимир Смилев од Општина Велес.

На панел дискусијата се разгледуваа можностите за градење посилни и попросперитетни општини, обединети во нивните заложби за промени, со основна цел зајакнување на локалните заедници и поттикнување иновации и инклузивност.

„Граѓанските организации делуваат како мост помеѓу граѓаните и властите. Колку е поцврста соработката помеѓу граѓанското општество и владата, толку се подобри резултатите. Оваа симбиоза треба целосно да се прифати и да се сфати како корисна за двете страни, дури и кога граѓанските организации поставуваат тешки прашања, ги спорат одлуките на владите или се залагаат за промена на политиките. За поддршка на подобра соработка помеѓу граѓанското општество и локалните власти, ЕУ одвои над 21 милион евра за Програмата ReLOaD во Западен Балкан. ЕУ ќе продолжи да ги поддржува локалните заедници, со цел подобрување на локалните услуги и квалитетот на живот на граѓаните, рече Адебајо Бабаџиде, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Околу 110 учесници, меѓу кои претставници на министерства, Европската Унија, локални самоуправи, граѓански организации се фокусираа на зајакнување на соработката и довербата, презентирајќи целосен преглед на резултатите, активностите и очекуваните исходи на програмата ReLOaD2 во Западен Балкан. Тематските дискусии овозможија директна интеракција фокусирана на препознавање на предизвиците во законодавната рамка за финансирање на ГО, кои се заеднички за сите. Иако се прават обиди за надминување на овие проблеми, сè уште постои потреба од подобрување на транспарентното финансирање на граѓанското општество што ќе обезбеди правилна имплементација на постоечките регулативи.

„Конференцијата #ReLOaD обезбеди вредна платформа за анализа и споделување знаење помеѓу соработниците од Западен Балкан. Реалните теренски искуства служеа како катализатор за зајакнување на соработката помеѓу локалните власти и граѓанските организации. Ова партнерство значително ги засили гласовите на често пати маргинализираните граѓани, додека во исто време воведе иновативни пристапи за решавање проблеми и обезбедување услуги во заедницата. Иако претстои многу работа, важно е да се посветиме на одржување на транспарентноста и одговорноста додека го трасираме патот напред“, вели Маријана Милеска, директор на Фондација за одржлив развој - ПРЕДА Плус.

Третата ReLOaD2 регионална конференција покажа дека е поттик за сите засегнати страни да продолжат да соработуваат и да ги забрзаат промените на Западен Балкан, обезбедувајќи значаен чекор напред кон подобри локални демократии. Иницијативата ReLOaD2, која е имплементирана во 62 партнерски локални самоуправи во Западен Балкан, е финансирана од Европската Унија, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Досега има поддржано 277 проекти на граѓански организации, од кои корист имаат 31.162 граѓани во регионот. Со буџет од 15,06 милиони долари, ReLOaD2 ќе продолжи да ги подобрува овие процеси до крајот на 2024 година.

УНДП, Канцеларија РСМ

Фото:УНДП

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан