• вторник, 22 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Заврши средбата на вработените на Инспекторатот за јазици со координаторите на пратеничките групи со надеж за брзо решение, но и со констатација дека проблемот е повеќе политички, отколку правен

Заврши средбата на вработените на Инспекторатот за јазици со координаторите на пратеничките групи со надеж за брзо решение, но и со констатација дека проблемот е повеќе политички, отколку правен

Скопје, 3 јуни 2025 (МИА) - Денешната средба во Собранието на директорот и вработените на Инспекторатот за употреба на јазиците со координаторите на пратеничките групи во врска со решавањето на проблемот со неисплатените плати веќе пет месеци заврши со надеж за брзо решение на проблемот, но и со констатација дека решението на проблемот е повеќе политичко отколку правно. Измените на Законот се во собраниска постапка, но се блокирани затоа што мнозинството нема Бадентерово мнозинство. За ова е потребна помош од „Европски фронт“, но албанската опозиција не прифаќа да гласа за законските измени под образложение дека е скриен правниот субјективитет на институцијата. Мнозинството, пак, вели дека не станува збор за укинување на Инспекторатот и повика да се изгласаат измените за вработените да добиваат плати, а потоа да седнат да разговараат за идното решение.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека проблемот е политички.

-Луѓево поради изгубениот правен субјективитет кој што имаше Инспекторатот за албански јазик се доведедоа во состојба да не може да земаат плата повеќе месеци. Надминување на тој проблем е лесен и едноставен, доколку денес ја продолжиме таа 47. Седница на која ќе треба мал Бадентер, односно Бадентер од присутните пратеници од заедниците и вработените да го надминат финансискиот проблем, а потоа врз на ова што го дискутиравме да се поразговара за формирање на агенција во чиј склоп ќе влезат и инспекторатите за македонски и албанскиот. Очигледно на некого му одговара да продолжи хаосот, односно да ја политизираат темата поврзувајќи ја со Законот за јазици, кој што нема допирна точка со решението на проблемот со кој што се наоѓаат луѓето од Инспекторатот. Имено, решавањето на проблемот со Законот за јазици се наоѓаат во една друга институција во која членуваат членови кои се избрани од оваа Собрание во еден изминат период, на којшто реагираат токму оние кои сакаат да направат проблем, изјави тој.

Мицевски објасни дека решението на проблемот се состои од две фази.

-Прво е денеска да го изгласаме овој закон којшто е предвиден на самата седница, за да можеме да ги ослободиме луѓето финансискиот дел од обврските кои што ги имаат да го завршат, а потоа втората фаза е политичка на која што би седнале сите политички субјекти да разговараме како да биде формирана таа агенција за јазици, нешто сосема различно од изминатиот период. Се сеќавате на тој период кога Артан Груби насилно го носеше Законот за јазици. Кога укажувавме дека можат да се јават проблеми кои сега се наоѓаат на Уставен суд и за негово надминување. Меѓутоа, решението е во две фази. Првата фаза е едноставна, а втората е политичка во која ќе треба сите заедно да дискутираме, додаде Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски нагласи дека овој проблем со Инспекторатот произлегува со изгласувањето на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Очекува сите чинители да седнат, да разговараат и да се бара соодветно и сеопфатно решение за вработените во Инспекторатот да земат плата.

-Јас можам да кажам дека како координатор и како пратеничка група на СДСМ и Коалицијата ние единствено не гласавме за Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) и во дебатата укажавме дека постојат низа недоследности, нелогичности кои што ќе придонесат до одредени проблеми и денеска го имаме овој проблем. Не е единствен проблем. Имавме проблем и со Агенцијата за млади и спорт и со други институции, заради тоа што од таа желба на брза лента да се носат одредени законски решенија за кои треба добро да се седне и да се обмисли, се доведуваме во едни вакви ситуации во кои се нема излезни решенија. Јас очекувам дека ќе се седне, ќе се бара соодветно и сеопфатно решение. Владата заговара формирање на некаква агенција за јазици во која треба да припадне Инспекторатот за македонски јазик и Инспекторатот за албански јазик. Очекуваме да видиме какво ќе биде решението кога ќе го достават до Собранието, меѓутоа и веројатно да се изнајде начин како луѓево да бидат во функција затоа што практично сега нема правен субјективитет на овој Инспекторат, а во исто време се предвидени финансиски средства во Министерството за правда за некаква институција која што правно не постои. Треба да се изнајде решение, рече тој.

Спасовски потенцира дека луѓето не треба да бидат жртви на политички игри.

-Луѓето не можат да бидат жртви на тие политички игри и токму политички игри на оние кои што го поддржа законското решение ЗОРОДУ и настанаа вакви проблеми кои што денеска ги имаме. Еве да видиме како ќе се однесува парламентарното мнозинство заради тоа што тие се тие кои што треба да ги решаваат работите и да се донесат такви законски решенија. Ние имаме добра волја, тука сме да седнеме, да разговараме на принципиелна основа и на основа на тоа да се донесат законите. Денешнава седница е нова седница  и на оваа седница воопшто нема законско решение на кое што треба да се гласа, рече Спасовски.

Координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети истакна дека „доколку не се чепне во правниот статус на овој орган, ние сме спремни да дадеме придонес да се реши проблемот“.

-Жално е што по последнава средба во Владата, тие се ориентираат до пратеничките групи, дека поради негласањето тие не земаат плата. Ние ова го сметаме за пресериозно прашање, бидејќи овој орган произлегува од Законот за употреба на јазиците, кој е лек специјалис и како таков го третираме и правните експерти така го гледаат без разлика дека некој се повикува на ЗОРОДУ каде што сите сме гласале, сепак предлагач на тоа законско решение е некој друг. Сметам дека имаме проблем. Ако не се чепне во правниот статус на овој орган, ние сме спремни да дадеме придонес да се реши проблемот. Имаме волја да се реши ова прашање и во правниот дел, кој е многу чувствителен за Албанците, но и вработени да земаат плата, рече тој.

Не сакаше да прејудицира дали е потребно ново законско решение за решавањето на проблемот на вработените на Инспекторатот. 

-Јас реков дека веќе имаме еден заклучок да имаме координација на сите координатори на пратеничките групи, да ги известат и да се координираат со пратениците од сопствените пратенички групи. Лично јас не сметам дека треба да има ново законско решение. И во оваа законско решение има правен аспект кој би го регулирал сето ова. Дали преку автентично толкување, дали преку друг начин, не би сакал да прејудицирам. Би сакал, од почит кон важноста на Институцијата и вработени, да произлегува многу коректен пристап од сите присутни, рече Беџети.

Вчерашната средба на лидерите на Коалицијата „Вреди“ била во пријателски и колективен дух. Коалицијата продолжува заеднички, а останува само да се договорат деталите за поделбата на општините

Координаторот на пратеничката група на „Влен“, Беким Ќоку порача да не се „политизира оваа прашање на грбот на лицата кои работата во оваа Институција“ и потенцира дека правниот субјективитет на Инспекторатот ќе остане во рамките на Министерството за правда.

-Решението ќе биде итно и ние сме многу заинтересирани за ова бидејќи се однесува на судбината на вработените таму кои не примаат плати и немаат осигурување. Да не го политизираме ова прашање на грбот на граѓаните кои работат таму. Ние сме многу заинтересирани да најдеме решение. Не сакаме да создаваме политички поени од маките на другите. Ако некој се обиде да го направи ова, ние сме заинтересирани да најдеме решение што е можно поскоро. Правниот субјективитет на Инспекторатот останува во рамките на Министерството за правда, како и сите инспекторати со Законот за организација и работа на органите на државната управа кој беше изгласан со апсолутно мнозинство, рече Ќоку.

Директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи истакна дека средбата со координаторите на пратеничките групи била конструктивна. Изрази надеж дека во најбрз можен временски рок да најдат начин за да се реши проблемот со платите на вработените на оваа институција.

-Ние сега засега се фокусираме само во една точка – што побрзо да се најде начин да ни пуштат средствата. За другите работи, на наредните средби ќе разговараме и ќе информираме, рече Идризи.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите истакна дека не може да се исплатат платите на Инспекторатот за употреба на јазиците пред да биде донесен Законот за организација и работа на органите на државната управа. 

-Затоа и бевме на таа средба пред два дена. Законот ќе биде пред пратениците, со што согласно измените во Законот познат во јавноста како ЗОРОДУ, Инспекторатот ќе биде дел од Министерството за правда, во овој прв чекор, за да можеме да ги исплатиме платите кои што во минатото најчесно си ги заработиле вработените во Инспекторатот, рече Мицкоски. фф/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан