• недела, 22 декември 2024

Жители на штипското село Софилари бараат да се стопира црпењето на песок од коритото на Брегалница

Жители на штипското село Софилари бараат да се стопира црпењето на песок од коритото на Брегалница

Штип, 11 април 2024 (МИА) - Песок се црпи од коритото на река Брегалница во село Софилари, штипско, реагираат жителите. Според нив ова е загрижувачка слика и бараат да се стопира црпењето на песок. Велат дека со црпењето песок се уништува коритото на реката, а опасност претставува и за животната средина. Жителите на штипското село Софилари пријавиле и во Општина Штип, а пријавата пристигнала и до градоначалникот. Општинскиот инспектор за животна средина, Влатко Панов, истакна дека веднаш по усната пријава од страна на жителите излегуваат на терен. Ако е во нивна надлежност ќе се реагира веднаш, ако не ќе се бара вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

-Врз основа на поднесена пријава од страна на жители, граѓани за вонреден инспекциски надзор од место наречено Софилари до градоначалникот и со налог за постапување, ќе бидеме на терен ќе видиме дали има исцрпување на минерална суровина – песок од речно корито на река Брегалница. Доколку е во наша надлежност ќе постапиме, доколку ее во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина ќе поднесеме барање за нивно постапување, изјави Панов.

Инаку, и утринава на самото место се работеше во процесот на вадење песок од коритото на река Брегалница во село Софилари. вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан