• понеделник, 20 мај 2024

ЕУ најави План за отпорност и раст на Ерменија

ЕУ најави План за отпорност и раст на Ерменија

Брисел, 5 април 2024 (МИА) - Европската комисија го исполни своето ветување дека ќе ја поддржи Ерменија и дека ќе постави визија за иднината на меѓусебното партнерство со изработка на План за отпорност и раст на земјата вреден 270 милиони евра во форма на грантови во следните четири години, најави денеска претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на денешниот Дијалогот во Брисел меѓу ЕУ, САД и Ерменија посветен на зајакнување на ерменската отпорност.

-Ќе инвестираме за да ги направиме ерменската економија и општество поробусни и поотпорни на удари, ќе ги поддржиме вашите бизниси, вашите таленти, особено вашите мали и средни претпријатија, за да можеме да им помогнеме да растат, да иновираат и да пристапат до нови пазари и ќе инвестираме во клучни инфраструктурни проекти, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ерменскиот премиер Никол Пашинјан и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

Фон дер Лајен најави и инвестиции во производството на обновлива енергија во Ерменија и во подобрување на интерконекции со Грузија, како и поддршка на воздухопловна и нуклеарна безбедност и за диверзификација на трговијата.

-Овој пакет за поддршка што го презентираме денеска се надоврзува на постоечкиот економски и инвестициски план од ЕУ за Ерменија, кој веќе има мобилизирано над половина милијарда инвестиции, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува реформите во Ерменија преку совети, техничка поддршка и финансирање.

Таа ги поздрави и напорите што ги презема Ереван за спречување на заобиколувањето на санкциите на ЕУ кон Русија, што според неа, покажува дека ЕУ и Ерменија се повеќе се усогласуваат во вредностите и интересите.  

Фон дер Лајен потенцира и дека за ЕУ останува приоритет помошта за раселените Ерменци од Карабах во Ерменија, за што веќе обезбеди над 30 милиони евра поддршка и ќе продолжи со напорите за нивна долгорочна интеграција.

-Европа и Ерменија имаат долга и заедничка историја и затоа дојде време да се напише ново поглавје. И многу ми е драго, што можеме да сметаме на САД како посветен партнер и истомисленик во овие напори. Ќе продолжиме да работиме сите заедно за иднината на Ерменија, во стабилен и просперитетен регион на Јужен Кавказ, рече Фон дер Лајен.

Американскиот државен секретар Блинкен истакна дека за САД е особено важно партнерството со Ерменија, за што доказ е денешниот план, подготвен заедно со ЕУ за поддршка на земјата.

-Ја реафирмираме трансатлантската поддршка за демократска и просперитетна иднина на ерменскиот народ и за поинтегриран и мирен јужнокавкаски регион. Ја споделуваме визијата на ерменскиот народ за иднината и сакаме Еремнија да се развива како силна и независна држава што живее во мир со своите соседи и е поврзана со регионот и светот, истакна Блинкен.  

Тој нагласи дека САД ги поддржуваат демократските рефомрми што ги спроведуваат властите во Ерменија и за таа цел издвоија 65 милиони долари, или двојно повеќе од претходната години, за зајакнување на демократската и економската отпорност, инвестиции во безбедноста на храната и дигиталната инфраструктура, диверзификација на изворите на енергија и за други приоритети на државата.

-Ќе продолжиме со поддршката за 100.000 раселени етнички Ерменци од Нагорно Карабах. Тоа е клучно за долгорочната стабилност и просперитет на Ерменија и регионалната безбедност, додаде Блинкен.

Американскиот државен секретар изрази поддршка и за иницијативата на Ерменија насловена „Крстопат на мирот“ за зајакнување регионалната соработка и поврзување меѓу земјите од Јужниот Кавказ, од што, како што рече, полза ќе имаат луѓето во регионот.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан се заблагодари за изразената поддршка, посочувајќи дека денешниот дијалог претставува одраз на партнерство на Ерменија со ЕУ и САД.

Тој ја нагласи посветеноста на Ерменија за зајакнување на отпорноста на демократските институции и на спроведување на реформите во интерес на нејзините граѓани.

-Цврсто веруваме дека почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи ја зајакнуваат нашата соработка. Република Ерменија ја реафирмира својата посветеност на реформи во правосудството и јавната администрација со цел изградба на посилна, побезбедна и понапредна земја, додаде Пашинјан.  

Ерменскиот премиер се осврна и на иницијативата „Крстопат на мирот“, која според него ќе придонесе за зајакнување на економските врски и меѓусебното партнерство и ќе овозможи пристап до нови пазари.

-Сакам да нагласам дека остануваме посветени на нормализација на односите со Азрбејџан, врз основа на меѓусебно признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет. Ерменија е целосно посветен на отворање на границите и деблокада на меѓусебната комуникација, базирани на почитување на суверенитетот на земјите и принципите на еднаквост и реципроцитет, додаде Пашинјан. сп/мс/

Остани поврзан