• сабота, 27 јули 2024

„Еуроникел индустри": Преземени се сите чекори за спас на компанијата

„Еуроникел индустри

Кавадарци, 17 ноември 2023 (МИА) - Преземени се сите чекори за спас на компанијата, информираа денеска од „Еуроникел индустри" Кавадарци, преку соопштение. 

- „Еуроникел индустри" и неговиот акционер со месеци го креваат алармот за сериозната финансиска тешкотија во која се наоѓа компанијата. Почнувајќи од екстремната енергетска криза минатата година и многу нестабилните пазари оваа година, како и 7-месечното исклучување на печката од 2022 година и повторното отворање на производните погони во април 2023 година, фабриката во Кавадарци и светскиот пазар на никел се во многу тешка ситуација, информираат од компанијата. 

Оттаму нагласуваат дека цените на никелот годинава паднале за 40 отсто, додека цените на енергенсите остануваат високи. Покрај овие, се наведува во соопштението, „Еуроникел" се соочувал и со проблеми предизвикани од главниот снабдувач и клиент, со нестабилни и минимални нарачки за купување на производот од моментот на рестартирање на фабриката во април 2023 година, што го нарушил редовното производство на фабриката, одржувајќи ги трошоците високи и загрозувајќи ја нејзината иднина.

- Акционерот на ГСОЛ инвестираше над 3,5 милиони долари во ,,Еуроникел" само во 2023 година, за да се осигура дека платите ќе бидат исплатени како и да се одржи производството. Сепак, постојаниот добавувач ArrowMetals & Trading AG во октомври 2023 година целосно и еднострано ги прекина испораките на суровина и ги сопре нарачките. Наместо тоа, ,,Еуроникел" се соочува со неосновани побарувања и судски спорови од овој деловен партнер, се вели во соопштението испратено до медиумите. 

Се додава дека со цел да се спаси компанијата и да се обезбеди најдобар исход за сите засегнати страни, вклучително и за вработените, добавувачите и целокупната економија на Северна Македонија, ГСОЛ инвестирал еден милион долари во текот на последните недели, со цел да се обезбеди печката да остане вклучена и платите на вработените да се исплаќаат.  

- Во насока на барање на потенцијално решение, во овој период ГСОЛ ги понуди акциите на ,,Еуроникел" за минимален износ на најголемиот доверител (банка), како и на  Константинос Даскалакис и неговата група компании, кои изразија интерес да го купат Еуроникел. Константинос Даскалакис и неговите соработници, Арвинд Мундра Џон Вотерс, покрај интересот да го купат ,,Еуроникел" преку нивната компанија EuroNickel Holding AG во Швајцарија, изразија и интерес да го одржат работењето на компанијата и да ја задржат вклучена печката. Разбираме дека се во тек преговори помеѓу банката доверител и Даскалакис со цел да се најде решение за иднината на фабриката, се вели во соопштението до јавноста. 

Во соопштението се посочува дека ,„Еуроникел" и неговиот акционер ГСОЛ ги поддржуваат сите конструктивни разговори и активности кои можат да ја обезбедат иднината на компанијата и ги повикуваат сите засегнати страни да придонесат за одржливо долгорочно решение за фабриката. свд/цр

 

Фото : МИА архива 

Остани поврзан