• сабота, 18 мај 2024

Ескобар бара ослободување на косовските специјалци уапсени во централна Србија

Ескобар бара ослободување на косовските специјалци уапсени во централна Србија

Белград, 16 јуни 2023 (МИА) – Владата на Косово треба да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија и забраната за преминување на возила од Србија преку административната линија со Косово, изјави специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар на онлајн брифинг со новинарите. Тој воедно побара од Србија веднаш да ги ослободи косовските полицајци, јави дописникот на МИА од Белград.

Ескобар истакна дека САД го поддржуваат ставот на Европска Унија дека одлуката не само што е антиевропска бидејќи ја ограничува слободата на движење на луѓе и стоки, туку и нема правна основа.

Тој ја нарече одлуката на косовската Влада „непотребна ескалација“.

САД бараат од Србија веднаш да ги ослободи тројцата косовски полицајци уапсени од Србија.

Ескобар изјави дека сè уште не се познати сите факти за тоа што точно се случило, но истакна дека има две верзии. Едната е дека полицајците биле киднапирани, а другата е дека ненамерно преминале на територијата на Србија и таму биле уапсени.

- Но, во секој случај, рече Ескобар, јасно е дека тројцата косовски полицајци „немале намера да бидат на територијата на Србија“, и затоа се бара нивно итно ослободување.

Ескобар рече дека ситуацијата во Косово е регионално прашање и прашање на регионална стабилност и дека еден лидер не може исклучиво да одлучува што ќе се случува во регионот. Ескобар наведе дека оние земји кои не сакаат да се однесуваат како партнери, да соработуваат, ќе сносат последици.

Тој повтори дека САД, како и ЕУ, сметаат дека мора да се спроведе планот од три точки што беше претставен претходно, што подразбира градоначалниците да ги извршуваат своите функции на алтернативни локации, специјалните полициски сили на Косово да бидат повлечени од српските општини, демонстрантите да бидат повлечени од улиците, одговорност да сносат сите кои учествуваа во насилството врз припадниците на полицијата и КФОР, да се одржат нови избори со загарантирано учество на Србите. И Приштина и Белград да се вратат на дијалогот и разговорите за Охридскиот договор. об/ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан