• недела, 22 декември 2024

Единствен пазар на труд во Северна Македонија, Србија и Албанија

Единствен пазар на труд во Северна Македонија, Србија и Албанија

Скопје, 1 март 2024 (МИА) -  За граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија од денеска е овозможен слободен пристап до пазарот на трудот во овие три земји, во рамки на иницијативата Отворен Балкан. Тие ќе може да работат во сите три држави со единствен број за идентификација, без какви било дополнителни процедури. 

- Од 1 март оваа година, граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија конечно ќе можат да живеат и работат во која било од трите земји како во својата. За овие наши простори каде првото правило на јавната администрација беше „не може“, 1 март е револуција. Пред точно три години и три месеци, лидерите на земјите од Отворен Балкан одлучија и потпишаа визионерска одлука за воспоставување слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан. Три години и три месеци лидерите и неколку вредни луѓе од управите ги убедуваа со логични аргументи своите „не може“ колеги,  изјави претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж, кој е еден од првите што доби Oтворен Балкан ИД, електронски сертификат кој му овозможува да работи во која било земја на Отворен Балкан, е претседателот на ПКС

Предностите од слободното движење на работниците во регионот, без никакви административни бариери се повеќекратни, почнувајќи од можноста за вршење сезонски работни места, преку намалувањето на дефицитарните занимања и зајакнувањето на довербата на инвеститорите до растот на клучните сектори во економијата.

Слободниот пристап до пазарот на трудот од околу 11 милиони жители се очекува да го спречи понатамошниот одлив на мозоци и младите од регионот преку нудење можности за вработување, но и да одговори на зголемените барања за квалитетен кадар, како на локални така и на меѓународни компании кои работат во регионот.

Граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија, кои сакаат да се вработат во некоја од членките на Отворен Балкан или веќе нашле работодавач, треба да имаат матичен број за кој ќе можат електронски да се регистрираат во неколку чекори. Ова значи дека треба да пополнат формулар на платформата (eУправа) и да приложат валиден биометриски документ. Врз основа на доставените податоци, надлежните органи преку платфотмата еУправа  генерираат единствен идентификациски број на Отворен Балкан (IDOB).

После тоа, заинтересираната страна може да пристапи до порталот за еУправа на одредена земја и да поднесе барање за слободен пристап до пазарот на трудот. Одредената земја по проверка ја донесува конечната одлука. По добивањето на одобрението, заинтересираното лице може да се вработи, под исти услови како локален граѓанин на државата, до две години, а по истекот на овој периодот може да се продолжи престојот т.е. рокот на работната дозвола. 

Во рамки на Отворен Балкан, во декември 2021 година беа потпишани  договори за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, како и за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од овој регион.об/лв/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан