Европските социјалдемократи решаваат за својот „шпиценкандидат“ и изборната програма
- На Конгресот е најавено присуство на поголем број прогресивни шефови на држави или влади, претставници на партиите членки и набљудувачи на ПЕС, вклучително и делегација на СДСМ, еврокомесари, европратеници и други европски функционери и активисти, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, шпанскиот премиер Педро Санчез, европскиот комесар за работни места и социјални права Николас Шмит, претседателот на Партијата и поранешен шведски премиер Стефан Левен, претседателката на групата Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европарламентот, Ираче Гарсија Перез и лидерката на италијанската Демократска партија (ПД), Ели Шлајн.
Брисел, 2 март 2024 (МИА) - Викендов сите патишта на социјалдемократите од Европа водат кон Рим, каде денеска се одржува Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) на кој треба формално да биде избран партискиот кандидат за претседател на Европската комисија и предводник на изборната листа, популарно наречен „шпиценкандидат“, како и да биде усвоена Програмата на партијата за изборите за Европскиот парламент закажани за во јуни.
На Конгресот е најавено присуство на поголем број прогресивни шефови на држави или влади, претставници на партиите членки и набљудувачи на ПЕС, вклучително и делегација на СДСМ, еврокомесари, европратеници и други европски функционери и активисти, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц, шпанскиот премиер Педро Санчез, европскиот комесар за работни места и социјални права Николас Шмит, претседателот на Партијата и поранешен шведски премиер Стефан Левен, претседателката на групата Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европарламентот, Ираче Гарсија Перез и лидерката на италијанската Демократска партија (ПД), Ели Шлајн.
Во пресрет на Конгресот, Гарсија Перез порача дека европските социјалдемократи во последните пет години неуморно работеа за изградба на подобра Европа согласно барањата на граѓаните.
- Дури и во услови на раст на екстремната десница, успеавме да развиеме европска прогресивна агенда, вклучувајќи го Зелениот договор за одржлива и правична транзиција, зајакнување на социјалните и работничките права, како и родова еднаквост и заштита на владеењето на правото. Им покажавме на нашите граѓани за што сме способни. Сега е време да ја обновиме нашата посветеност со поамбициозни цели. Наспроти популизмот и екстремно десничарските партии, кои само ја загрозуваат нашата демократија и иднината на нашиот европски проект, прогресивното семејство ќе продолжи да работи на социјална, демократска и одржлива Унија за сите, нагласи Гарсија Перез.
Николас Шмит – „шпиценкандидатот“ на европските социјалдемократи
Конгресот треба формално да ја потврди номинацијата на еврокомесарот Николас Шмит како водечки кандидат на европските социјалдемократи на евроизборите, откако до крајниот рок за поднесување предлози, 17 јануари 2024 година, неговата кандидатура беше единствената доставена до Работната група за избор на „шпинценкандидатот“ на ПЕС.
Како што информира претседателот на Работната група и генерален секретар на ПЕС, Џакомо Филибек, Шмит бил предложен од неговата матична Луксембуршка социјалистичка работничка партија (ЛСАП) и поддржан од поголем број полноправни членки на ПЕС.
Согласно Статутот на ПЕС, за да биде номиниран, еден кандидат треба да биде предложен од една и да добие поддршка од најмалку осум други полноправни членка на Партијата.
Шмит во својата политичка кариера, девет години, од 2009 до 2018 година, беше министер за труд, вработување и социјална и солидарна економија на Луксембург, па европратеник, а од 2019 година ја извршува сегашната функција на европски комесар за работни места и социјални права.
Како што се посочува во предлогот за неговата кандидатура, Шмит како европски комесар работел на „изградба на посилна, поправедна и поодржлива Европа, во чиј центар ќе бидат интересите на луѓето“.
- Тој се бореше за зајакнување на отпорноста, кохезијата и нагорната социјална и економска конвергенција во ЕУ преку ефикасна имплементација на Европскиот столб за социјални права. Тој ја унапреди работата на Комисијата за заштита на луѓето за време на повеќекратните кризи со кои се соочува ЕУ, залагајќи се за ставање на вредноста и достоинството на работата во преден план, за обезбедување исплатлива работа, за гарантирање еднакви можности и социјална вклученост, за зајакнување на Европскиот социјален економски пазар и за обликување на фер транзиции, особено преку инвестиции во следната генерација, се наведува во документот.
Како остварувања на Шмит, меѓу другите, се посочени усвојувањето на директивите за минимална плата и за здравје и безбедност при работа, на мерките за заштита на децата и на младите, на иницијативите на основна социјална заштита, за развој на вештините и знаењата и за гарантирање на услови за пристојна работа, како и на Акцискиот план за социјална економија.
- Николас Шмит се залага за посилна Европа, која ги брани своите вредности против воскреснатата екстремна десница. Поправедна Европа, со квалитетни работни места, даночна правда, достапни станови и добри јавни услуги за сите и поодржлива Европа заснована на социјално праведен Европски зелен договор и иновативна и инклузивна зелена и дигитална економија, се додава во предлогот за избор на Шмит за водечки кандидат на ПЕС.
Изборниот манифест на ПЕС - Европа што ја сакаме: социјална, демократска, одржлива
На римскиот Конгрес, европските социјалдемократи ќе го усвојат и Манифестот со програмата за изборите на кои ќе настапат под мотото „Европа што ја сакаме: социјална, демократска, одржлива“ и кој, меѓу другото, предвидува зајакнување на соработката на ЕУ со Вашингтон, Лондон и Пекинг, продолжување на процесот на проширување на Унијата, имплементацијата на Европскиот зелен договор според предвиденото темпо и создавање на „Зелен социјален договор“.
Во делот од документот посветен на надворешната политика се нагласува заложбата за „обнова на договорите за соработка со трети земји“.
- Дополнително ќе ја зајакнеме соработката на ЕУ со САД и другите демократски сојузници и ќе изградиме силно партнерство со Обединетото Кралство... Ќе изградиме ново рамноправно партнерство со глобалниот југ, кое ќе вклучува и нова Прогресивна агенда меѓу ЕУ и Латинска Америка и Партнерство меѓу Африка и ЕУ во сферата на економијата, зелената енергија, климатските промени, миграцијата и демократијата, се вели во текстот.
Во врска со соработката меѓу ЕУ и Кина, се повикува на „ребалансирање“ на односите со Пекинг, со промоција на европските вредности, заштита на интересите на Унијата и дополнителна соработка за решавање на акутните глобални прашања.
Според партиски извори, имало предлози за зајакнување на притисокот кон Кина и условување на билатералната соработка со почитувањето на човековите права и демократските вредности, но некои партии членки инсистирале на „повнимателен однос“ кон Пекинг со цел да не се загрозат трговските односи со земјата.
Во Манифестот се повикува и на поддршка на понатамошните чекори за проширување на ЕУ и на европската одбранбена индустрија, како и на зајакната соработка во разузнавањето и кибер безбедноста, во светло на руската агресија врз Украина и новото геополитичко опкружување во соседството на Унијата.
Меѓу надворешнополитичките приоритети покрај продолжување на финансиската, дипломатската и воената поддршката на Украина, се наведени и заложбите за прекин на конфликтот на Блискиот Исток и за свикување на меѓународна мировна конференција со цел постигнување мир врз основа на решението за создавање на две држави - Израел и Палестина.
Во врска со надворешната политика, во документот на ПЕС се предлага одлуките да се носат со квалификувано мнозинство гласови, наместо со консензус.
- ЕУ мора да говори во еден глас за прашањата од надворешната политика и да се движи кон поголем број мнозински одлуки, се потенцира во документот.
Манифестот, исто така, бара зајакнување на Европската служба за надворешни работи со цел зголемување на влијанието на ЕУ на глобалната сцена и повикува на решавање на долготрајните конфликти во светот и во Европа, „вклучително и оној на Кипар“.
ПЕС инсистира на продолжување на имплементацијата на мерките од Европскиот зелен договор според предвиденото темпо, отфрлајќи ги идеите за „паузи“ во спроведувањето на еколошките политики, промовирани од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, кој припаѓа на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), како и од конзервативната Европска народна партија (ЕПП).
Во трката за постигнување климатска неутралност, никој не смее да биде запоставен и не може да има паузи, се вели во документот, во кој се додава дека Зелениот договор мора да продолжи да се имплементира „со црвено срце“, при што движечка сила ќе претставува заштитата на животната средина и на биодиверзитетот.
Социјалистите како приоритет го посочуваат и креирањето „квалитетни работни места за сите“ во рамки на концептот на „Зелен социјален договор“, со зелената транзиција би се поврзала со европската социјална политика и правата на работниците.
Во контекст на „Зелениот социјален договор“ се наведени и предлози за поддршка на земјоделскиот сектор, поврзани со понатамошна заштита на животната средина.
- Климатските кризи и биолошката разновидност се вистинска закана за безбедноста на храната и за егзистенцијата на земјоделците... Нашата борба за Зелениот договор е исто така борба и за подобрување на животот на земјоделците, се вели во Манифестот.
ПЕС посочува дека е неприфатлив пристапот оти „одржливоста е непријател на земјоделците“ и наведува предлози за зајакнување на Заедничката земјоделска политика на ЕУ преку поддршката на малите индивидуални земјоделци, нивна заштита од нелојалната конкуренција од трети земји и зголемување на финансиската поддршка за земјоделството во насока на остварување на еколошките барања предвидени со Зелениот договор.
Во исто време, ПЕС се противи на зајакнати мерки за штедење и предлага заедничко задолжување на ниво на Унијата во насока на поголема инвестициска способност на блокот и креирање на „амбициозен европски буџет“. Дополнително се предлага зголемено финансирање на проекти од заеднички европски интерес, како и создавање на „Инвестициски план за зелена и дигитална транзиција“, насочен кон „зајакнување на реиндустријализацијата“ и „спроведување на циркуларна економија“ во ЕУ.
Задржување на постојното „европско мнозинство“ и заштита на вредностите на ЕУ
ПЕС во Манифестот ја потенцира и посветеност на спротивставувањето на напливот на екстремната десница, чии вредности се оценети како „непомирливи“ со оние на социјалдемократите. Од таму, соработката со партиите од екстремната десница се поставува како „црвена линија“ на ПЕС, преку кој нема газење.
Во однос на идеите од некои десничарски лидери за рекомпонирање на сегашното мнозинство на конзервативците, социјалдемократите и либералите во Европскиот парламент, со здружување на партиите „десно од центарот“ по моделите што функционираат во неколку европски држави, ПЕС наведува дека создавањето на „десничарско мнозинство“ на ЕПП и либералите со екстремно десничарската група Идентитет и демократија и десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) би претставувало „сериозна закани за владеењето на правото, слободата на медиумите и правата на жените, малцинствата, мигрантите, синдикатите и ЛГБТИ заедницата“.
- Ги осудуваме конзервативните и либералните партии кои и овозможија на екстремната десница пристап до власта. Тоа е навреда за нашите вредности и нашата европска историја, се наведува во изборната програма на ПЕС.
Во тој контекст социјалдемократите најавуваат и „јасни правила и санкции“ со цел да се оневозможи финансирање од европските фондови на „автократските влади кои ги поткопуваат демократските институции и основните права“. Во делот за заштита на основните права и вредности ПЕС ја нагласува и заложбата за борба против „онлајн насилството и вознемирувањето и говорот на омраза“.
Римскиот Конгрес во сенка на падот на популарноста на партиите на левиот центар
Денешниот Конгрес на ПЕС се одржува во време кога анкетите на јавното мислење укажуваат на тенденции на пад на популарноста на нејзините партии членки на национално ниво. По лошите изборни резултатите во претходните години, на стартот на оваа деценија уследи преродба на социјалдемократските партии, кои во 2022 година беа на чело на владите во Германија, Данска, Малта, Португалија, Романија, Финска, Шведска и Шпанија, како дел од владините коалиции во уште неколку членки на ЕУ.
Но, тоа беше со краток здив. Иако се уште се предвидува дека на европските избори ПЕС во вкупниот збир ќе биде на второто место зад ЕПП, во моментов социјалдемократски претседатели на влади имаат само Германија, Данска, Малта, Португалија, Романија и Шпанија и социјалдемократските партии се дел од владините коалиции во Белгија, Естонија, Полска и Словенија. Кога станува збор за Португалија, многу е веројатно дека по изборите на 10 март, социјалистите ќе ја загубат власта и во оваа земја.
Според политикологот на Универзитетот во Брисел, Жан-Мишел Де Вале, европските социјалдемократски партии се во криза во услови кога ја загубија својата традиционална гласачка база и не можат да најдат заеднички наратив.
Од некогаш моќните социјалдемократски лидери во Европа, денеска нивниот број е сведен само на Шолц и Санчез, кои и самите немаат позитивни изгледи на претстојните избори. Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на Шолц, според анкетите на јавното мислење, е трета политичка сила во земјата со само околу 14 отсто поддршка, а Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Санчез каска зад конзервативната Народна партија и неговата Влада е на „стаклени нозе“ зависна од поддршката на каталонските сепаратисти.
Некогашната моќна француска Социјалистичка партија (ПС) денес се бори да надмине 10 отсто поддршка, а италијанската Демократска партија со 19 проценти е далеку зад десничарската Браќа на Италија (ФДИ) на премиерката Џорџа Мелони, борејќи се за второто место со популистичкото Движење Пет ѕвезди (М5С). Во слична положба, членките на ПЕС се и во другите земји на ЕУ.
Според потпретседателката на институтот „Жак Делор“, Кристин Вергер, иако социјалдемократите се уште се една од најважните политички сили во Европа, нивните долгорочни перспективи од сегашен аспект „не изгледаат толку добро“. - Сега им недостига силен, неоцрнет лидер, смета Вергер.
Дополнителен проблем за партиите на левиот центар е повеќедецениската неможност да најдат нов наратив адекватен по падот на „Железната завеса“. Обидот на поранешниот британски премиер Тони Блер од пред три децении да и даде нова центристичка ориентација на неговата Лабуристичката партија беше со успех на кус рок. Сличните тенденции во Франција и Италија завршија со високи цени за лидери од типот на Франсоа Оланд и Матео Ренци.
Според Де Вале, за работниците и пониските општествени слоеви, кои важат за традиционално гласачко тело на социјалдемократските партии, се неприфатливи либерални ставови на денешните социјалдемократи за прашањата поврзани со миграцијата, па затоа многумина од нив сега се вртат кон екстремната десница и популистичките партии.
- Тоа е суштинскиот проблем што треба да го решат. Накусо, потребна им е нова визија, смета Де Вале.
Како одговор на новите предизвици дел од социјалдемократските партии, пред се оние од Источна Европа, се свртија кон популистичката реторика, што не наиде на добра прием од страна на ПЕС и што резултираше дури и со замрзнување на членството на двете словачки членки, Насока – Словачка социјална демократија (Смер) и Глас - Социјална демократија (Хлас).
Наспроти ваквите тенденции, водечките партии во ПЕС прибегнаа кон егзистенцијалниот наратив дека тие се последната одбрана против екстремната десница со мотото „ние наспроти нив“, најавувајќи запирање на „реакционерниот бран низ Европа“ и „одбрана на работничката средна класа и демократијата“.
И покрај неповолните тенденции на анкетите, носителката на листата на СПД за европските избори во Германија, Катарина Барли и натаму останува оптимист, потсетувајќи на 2021 година кога неколку месеци пред германските сојузни избори иако ниту едно истражување на јавното мислење не го предвидуваше тоа, Шолц извојува изборна победа и стана канцелар.
Партијата на европските социјалисти (ПЕС) заедно со неколку помали левичарски и левоцентристички партии и независни пратеници во Европскиот парламент ја сочинува пратеничката група Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), која во моментов има 141 мандат, што ја прави втора по големина групација по ЕПП.
Според последните анкети на јавното мислење, СД на европските избори во јуни би можела да се надева да освои меѓу 138 и 140 европратеници, со што и натаму би останала втора по бројност пратеничка група во ЕП. сп/
Фото: ПЕС/МИА Архива