• недела, 19 мај 2024

До ДИК поднесена претседателската кандидатура на Билјана Ванковска

До ДИК поднесена претседателската кандидатура на Билјана Ванковска

Скопје, 19 март 2024 (МИА) - Во просториите на Државната изборна комисија овластениот претставник и раководител на Претседателскиот изборен штаб на Левица, Реџеп Исмаил, денеска ја поднесе кандидатурата на претседателскиот кандидат, Билјана Ванковска.

-Потсетуваме дека без притисоци, без партиска војска, платени списоци и празни ветувања, и покрај ужасната инфраструктура и услови на ДИК, сепак, активистите на Левица успешно собраа над 10.000 потписи во краток рок. Ваквата широка народна поддршка, дополнително ја потврди решителноста на македонскиот народ, да се влезе во борба против политичките елити, против измаќарите на странските интереси и слуги на крупниот капитал и со тоа доби автентичен претседателски кандидат, подготвен да го застапува интересот на народот, интересот на обичниот човек, на работниците, потиснатите и обесправените, се вели во денешното соопштение од Левица.

Оттаму додаваат дека првпат во современата македонска историја, „Македонија ќе добие кандидат за Претседател, подготвен да застане во одбрана на националните интереси на македонскиот народ“.

-Кандидат, кој цврсто ќе се спротивстави на етно-трибалистичките политики и практики во домашната политика. Кандидат, кој надворешната политика ќе ја позиционира единствено согласно интересите на својот народ, а не на странските интереси на штета на Македонија, се вели во соопштението од политичката партија Левица.

Од Левица очекуваат во најкраток можен рок кандидатурата да биде потврдена од страна на ДИК, по што, како што велат, ќе започне претседателската битка. сст/

Остани поврзан