• сабота, 20 јули 2024

Доделени признанија за најдобрите пожарникари во Кочани по повод Денот на пожарникарството

Доделени признанија за најдобрите пожарникари во Кочани по повод Денот на пожарникарството

Кочани, 20 мај 2024 (МИА) – Со свечена смотра на припадниците на Територијалната противпожарна единица и на членовите на Доброволното противпожарно друштво - Кочани, што денеска ја реализира градоначалникот Љупчо Папазов, беше одбележан 20 Мај - Денот на пожарникарството.

На свеченоста, тој искажа задоволство од ангажманот на двете противпожарни единици и од успешното извршување на задачите во изминатиот едногодишен период. Притоа им додели признанија на Благој Паунов за најдобар професионален пожарникар и на Дејан Минов за најдобар пожарникар волонтер.

-Меѓу двете одбележувања нашата единица имаше вкупно 343 интервенции, од кои на територијата на општина Кочани имавме 220 излегувања на терен, при што во 26 случаи се гасеа пожари на објекти, а 127 интервенции беа на отворен простор во кој беше зафатена површина од околу 135 хектари. Регистрирани се и два шумски, девет пожари кај моторни возила, девет поплави и остатокот се технички интервенции. На територијата на општина Чешиново-Облешево имавме 119 интервенции, од кои најмногу беа пожари на отворен простор, а во општина Зрновци нашите пожарникари интервенираа 12 пати, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

На свеченоста по повод одбележувањето на Денот на пожарникарството во Кочани присуствуваа претставници од општинската администрација, од локални компании и граѓански здруженија, пензионирани пожарникари и други гости. та/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан