• петок, 10 мај 2024

Директорот на ЦУК на состанок за отпорност на НАТО во Брисел

Директорот на ЦУК на состанок за отпорност на НАТО во Брисел

Брисел, 8 ноември 2023 (МИА) – Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов присуствуваше на Вториот состанок на високите национални претставници на НАТО одговорни за отпорност во Брисел, со кој претседаваше генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Во обраќањето на собирот, Столтенберг ја нагласи важноста на колективната отпорност за справување со целиот опсег на закани со кои се соочуваат членките на НАТО, почнувајќи од пандемиите и климатските промени, па се до вооружени конфликти.

Како што соопшти Алијансата, на средбата се разговараше за предизвиците поврзани со отпорноста во евроатлантската област, вклучително и за пошироките импликации од руската воена агресија врз Украина, при што беше истакната потребата од зголемена општествена отпорност и поефикасна соработка меѓу цивилниот и воениот сектор и меѓу владите.

На учесниците на состанокот преку видеоконференциска врска им се обрати и украинската вицепремиерка Олха Стефанишина, која ја нагласи клучната улога на националната отпорност во одбраната од вооружени напади. 

На состанокот присуствуваа и официјални претставници од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), кои презентираа како ЕУ и помага на Украина да ја зајакне својата отпорност.

Овој Втор состанок на претставниците на НАТО за отпорност следи по усвојувањето на целите за отпорност за 2023 година на Самитот на Алијансата во Вилнус во јули годинава. 

Во тој контекст, Столтенберг ги повика членките на НАТО да продолжат со нивната работа за преточување на целите за отпорност на Алијансата во национални цели и во планови за имплементација.

Годишните состаноци на високите претставници за отпорност беа воспоставени како дел од Агендата 2030 на НАТО со цел да се подобри координација на националните напори за отпорност, како и за зајакнување на консултациите во рамките на Пактот. сп/дма/

Фото: НАТО

Остани поврзан