• сабота, 18 мај 2024

Директорот на Интерпол Јирген Сток во посета на Тирана

Директорот на Интерпол Јирген Сток во посета на Тирана

Тирана, 6 мај 2023 (МИА) -  Директорот на Интерпол Јирген Сток, кој е во посета на Албанија, на средба со албанскиот министер за внатрешни работи Бленди Чучи, побарал Албанија да ја интензивира борбата против организираниот криминал, јавија албанските медиуми.

Сток е во прва посета на  Албанија, која се совпаѓа со 100- годишнината од основањето на оваа значајна организација за меѓународна соработка на полициите.

- Со него ги споделив главните приоритети на Албанија во борбата против организираниот криминал, кој се повеќе добива транснационални облици и во овој нов контекст оценив дека подобрата координација на работата меѓу сите земји е вистинскиот начин за негово решавање,  вели министерот за внатрешни работи. 

На средбата, тој истакнал дека денес албанската државна полиција ужива високо ниво на доверба кај партнерите.

Нагласил дека моментно е во нова фаза на соработка со оваа организација и со други меѓународни агенции, „како активен учесник и со водечка улога во некои случаи во заедничките истражни и оперативни тимови". 

Чучи зборувал и за модернизацијата на државната полиција.

- Првиот човек на Интерпол го запознав со чекорите што почнавме да ги преземаме за модернизација на државната полиција преку инвестиции, како никогаш досега, во технологија и дигитална опрема. Многу ја цениме соработката со Интерпол  за другите глобални безбедносни предизвици како што се тероризмот и сајбер  криминалот,  рекол меѓу другото министерот Чучи. вт/паг/


Фото: МВР- Албанија

Остани поврзан