• петок, 21 јуни 2024

ДЗР: Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци за експлоатација на мермер

ДЗР: Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци за експлоатација на мермер

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) – Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, како и сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на тема “Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“.

За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери , на вкупна површина од 333,73 км2, што претставува 1,3% од вкупната територија на државата, од кои за експлоатација на мермер се доделени 29 концесии. За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 – 2022 година, наплатени се вкупно 2.781.024 илјади денари (околу 45 милиони евра) концесиски надоместоци од кои: 287.307 илјади денари (околу 4,6 милиони евра) надоместок за користење на простор, 2.487.581 илјади денари (околу 40,2 милиони) евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6.136 илјади денари по основ на камата по двата основи.

-   Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори, се вели во извештајот на ДЗР.

Со извршената ревизија ревизорите, меѓу другото утврдиле дека на национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година,

со рок на донесување до април 2024 година, додека законската регулатива која ја третира предметната област е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена.

Системот на плаќање на концесиските надоместоци, ДЗР наведува дека се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите, додека висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни/продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и истиот не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите.

-          Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 - 2022 година претставуваат 1% од остварените приходи од продажба на концесионерот. За периодот 2018 - 2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 21.050 илјади денари односно 341 илјади евра од кои: 9.804 илјади денари по основ на простор, 5.421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5.825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите, исто така, укажуваат дека користените рударски техники за добивање на корисна маса и отсуството на мерки за реупотреба на јаловината имаат влијание врз степенот на искористеност на минералните суровини, како и зголемено производство на јаловина со кои се создаваат негативни ефекти врз животната средина, додека со извршено аерофотограметриско снимање од страна на експерт/геодет на дефинираниот простор на концесијата, кај две концесии утврдивме ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите, а недостигот на инспекциски надзор врз донесените планови за управување со отпад создава ризик врз намалување на негативните ефекти и штетните влијанија врз животната средина.

-          За надминување на погоре наведените состојби, до надлежните институции дадени се препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија кои треба да обезбедат подобрување на состојбите во делот на: правната и стратешката рамка на системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплатата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, а со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелата на одржлив развој, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизијата на успешност, како што посочува ДЗР е согласно годишната програма за работа за 2023 година и опфатени се прашања поврзани со системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини; концесиските надоместоци и надзорот над експлоатацијата на минерални суровини согласно склучените договори и издадени дозволи. аа/бт/

Фото: ДЗР

Остани поврзан