• вторник, 05 ноември 2024

Деспотовски: Мора да обезбедиме секој член што сака да гласа, да гласа

Деспотовски: Мора да обезбедиме секој член што сака да гласа, да гласа

Скопје, 23 јуни 2024 (МИА) - Како да им се овозможи на сите заинтересирани да гласаат, како да се заштити изборниот процес од можни прекршувања, како партиските функционери да носат одговорност и да им се мери учинокот и какви програми се предвидуваат за млади и привлекување на партиски подмладок – ова се темите за кои се дебатираше на втората онлајн сесија со членови од цела Македонија со Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ, како и на средбите со членовите во Струга и Охрид.

-Луѓето се охрабрени и желни за промени од овој бран кој го поттикнавме. Постои загриженост, иако доста помала од пред три години, за тоа каков изборен процес ќе имаме. Затоа велам, одговорноста и оваа борба е наша заедничка. На 30.06 сите имаме обврска да дадеме придонес да имаме кристално чисти избори кои ќе ја отсликуваат реалната волја на членовите, онака како што и доликува на СДСМ. Треба да обезбедиме дека едно ливче ќе биде еден човек и еден глас и дека навистина реално ќе се отслика волјата на луѓето. А волјата е дефинитивно за промени и нов почеток, вели Деспотовски.

Тој посочи и дека веќе има сериозна бројка на волонтери кои се пријавиле да бидат набљудувачи на изборниот ден и ги повика сите кои сакаат да дадат придонес да се приклучат во овој процес. 

Едно од прашањата кое се наметнува дискусиите е како да се најде начин да гласаат сите членови кои имаат волја.

-Тоа прашање се поставува речиси секаде каде што одиме. Има многу луѓе кои сакаат да гласаат но заради компликувањето на процесот со регистрација и пререгистрација се откажуваат од тоа. Ќе побарам да се направат измени во самиот правилник за гласање со лична карта и доколку ги има во списокот на членови да може да гласаат. Не мислам дека имаме луксуз како партија да враќаме луѓе кои дошле да гласаат. Тоа е единствениот начин како на сите наши партиски другари да им го овозможиме тоа право и да ги обединиме во партијата, рече Деспотовски.

Тој додаде и дека охрабрува тоа што на овие средби има се повеќе млади луѓе и дека партијата мора да вложува во нивна политичка едукација. Една од главните точки на програмата Нов почеток, Нов СДСМ е воведување континуираната едукација на членството, а особено на младите во соработка со домашните и меѓународни организации. Политичката едукација на членовите е значајна и како инкубатор за подготовка на кадар за идни носители на јавни функции, но и како придонес кон развојот на критичкото и креативното размислување во општеството. Политичките организации, СДСМ не смеат повеќе да се гледаат низ интересот за вработување или други индивидуални потреби и интереси. Развиваме концепт, свест дека политичкиот ангажман е можност да се даде придонес во развојот на општеството, стои во програмата.

Деспотовски додаде и дека на средбите и онлајн пристигаат конструктивни и интересни предлози кои ќе бидат вклучени во програмата која се надополнува. Меѓу другото има предлог избраните партиски функционери пред да стапат на функција да си поднесат бланко оставка со цел да се свесни за одговорноста која ја имаат. И во самата програма е предвидено воведување на систем на поставување цели и мерливи резултати.

-Нашиот пристап е јасен: учинокот и успешноста на вршењето на функцијата претседател на СДСМ и на сите останати лидерски функции ќе се мери преку реални и практични остварувања на резултати, согласно поставените цели. Успехот не е само збор, тој може да се мери. Воведуваме систем на мерливост на резултатите од политиките што ги носиме. Зборовите ги заменуваме со бројки и спроведуваме политики што носат најдобар ефект за граѓаните. Довербата се гради со слушање и испорачување конкретни резултати, рече Деспотовски.

 Јован Деспотовски - СДСМ 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: СДСМ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан