• петок, 17 мај 2024

Десет општини и три центри за развој на плански региони потпиша договори за финансирање техничка документација на проекти

Десет општини и три центри за развој на плански региони потпиша договори за финансирање техничка документација на проекти

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Десет општини и три центри за развој на планските региони денеска потпишаа договори за финансирање техничка документација на проекти кои опфаќаат реконструкција на патна инфраструктура и училишта, подобрување на сообраќајните услови, изградба на пешачки и велосипедски патеки, поставување фотоволтаични системи итн. Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, на свое обраќање, истакна дека по потпишувањето на договорите, најголем предизвик е да се зајакнат капацитетите за подготовка на квалитетни проекти кои што се финансираат од буџетот на државата.

Министерот Пенов исто така додаде дека голем предизвик ќе биде и подготовката на проекти кои што ќе ги исполнуваат сите стандарди за финансирање од други извори како што се Европската Унија или Светска банка. 

-Пристапот до квалитетни средства е условен од капацитетноста на општините и на центрите за развој за подготовка на проектна и техничка документација, врз основа на пропишани стандарди.  Со 1,5 милиони долари, Фондот за техничка документација во оваа фаза обезбедува градење капацитети преку директна експертска поддршка, но и  финансиски средства за подготовка на техничката документација, што е од голема помош и за општините и за центрите за развој, порача Пенов.

Постојаниот претставник за Програмата за развој на Обединетите Нации (УДНП), Армен Григорјан, истакна дека овие технички документации се основа за имплементација на инфраструктурни проекти кои обезбедуваат видливи придобивки за локалните жители, придонесуваат за раст на националниот БДП и ја унапредуваат родовата еднаквост на локално ниво. 

-Дополнително, Фондот за техничка документација служи како уникатен инструмент за спроведување приоритетни локални проекти, избрани од граѓаните преку процес на интегрирано планирање и форуми во заедницата, посочи Григорјан.

Раководителот на одделот за развојна соработка во Сида, Микаел Атерог, од друга страна, појасни дека овој исклучително важен и навремен потфат треба дополнително да ги зголеми капацитетите на општините за да можат да ги идентификуваат нивните развојни потреби и приоритети, како и да креираат стратегии за надминување на главните предизвици за локална економија и социјален развој.

Додека директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, нагласи дека Бирото ќе работи на зајакнување на внатрешните организациски капацитети и човечки ресурси, со цел да овозможи соодветна поддршка на општините и центрите низ клучните фази на развој и спроведување инфраструктурни проекти на локално ниво, со фокус на помалите, руралните и помалку развиените општини, иако, како што кажа, ниту една општина нема да биде исклучена од процесот.  

Во првата фаза на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ се изработи техничка документација за 56 проекти за комунална, транспортна и деловна инфраструктура во општините, како и проекти за реновирање и подобрување на енергетската ефикасност на девет болници. Проектот е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. 

Како што информираат од УНДП, станува збор за активност во рамки на Фондот за техничка документација, кој претставува инструмент за финансиска и техничка поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти на локално, меѓуопштинско и регионално ниво. Фондот е компонента на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, кој го имплементира УНДП со финансиска поддршка на Шведска и Бирото за регионален развој. сх/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан