• четврток, 19 декември 2024

,,Денови на хуманост - дарувај со љубов" во Делчево

,,Денови на хуманост - дарувај со љубов

Делчево, 1 декември 2023 (МИА) - Со многу активности, но со заеднички именител за свет без различности, во Делчево започна реализацијата на годинешната кампања  „Денови на хуманост-дарувај со љубов“. Кампањата веќе 6 години ја организираат локалните институции со покровителство на Општина Делчево, а по повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби.  

-Обединети со заедничка цел будење на филантропијата и општествената одговорност и  подигање на свеста за лицата со хендикеп и нивното место во општеството, во организацијата активно се вклучија образовните институции и детската градинка, НУ Центар за култура „Н.Ј.Вапцаров“, Јавната локална библиотека „Илинден“, Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево, НВО „Бравура кооператива“ и Клубот ИНТЕГРА, истакнаа од Општина Делчево.

Како дел од настанот, во рамки на Ликовното студио и ателје „Љубомир Белогаски“ при НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ со поддршка на Министерството за клултура и оваа година се организираше традициналната ликовна работилница која ги обедини членовите на ликовното студио, ученици од основните и средното училиште од Делчево и децата со попреченост, каде се учеа тајните на сликарството и се твореше на тема „Зимска идила“. 

Како што истакна стручниот соработник Александар Белогаски, интересот за оваа активност е голема и претставува радост и предизвик кај децата кои ги учат техниките на сликарството и даваат свој придонес во креирање на едно ликовно дело. 

Дваесетте заеднички создадените ликовни творби како што додаде тој ќе бидат подарени на Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево.     

Во Јавната локална библиотека настанот се реализираше под мотото „Секој е посебен на свој начин“.

-ЈЛБ „Илинден“ заедно со најмалите од ООУ „Ванчо Прке“-Делчево,  во градскиот парк ги пуштија кон небото шарените балони на кои имаше испишано пораки:  - Да бидеме другари, исти сме!, Не паркирај на паркинг наменет за лица со посебни потреби, Лицата со хендикеп не се болни и не можат да те заразат", Заедно можеме да изградиме подобро општество за сите, истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска  

Активности по повод Деновите на хуманост - Дарувај со љубов" беа организирани и во двете основни училишта со низа настани, меѓу кои натпревари за литературни творби, ликовни изложби, спортски и музички игри училишен базар и сл. 

Настанот продолжува в понеделник, кога во Дневниот центар за лица со посебни потреби ќе се одржи кампањата „Се движиме безбедно“ на која овие ученици ќе ги учат правилата за учество во сообраќајот, како да бидат побезбедни и да ги препознаваат сообраќајните значи. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан