• четврток, 26 март 2026

Свежо цвеќе пред споменикот на Љупчо и Раде во Главовица положија планинарите од ПСК „Осогово“

Свежо цвеќе пред споменикот на Љупчо и Раде во Главовица положија планинарите од ПСК „Осогово“

Кочани, 22 март 2026 (МИА) - Членови на Планинарско-спортскиот клуб „Осогово“ од  Кочани после марш од петнаесетина километри, денеска положија свежо цвеќе и се поклонија пред споменикот на Раде Кратовче и Љупчо Сантов, двајцата антифашисти, првоборци од НОБ. Споменикот се наоѓа во близина на селото Главовица, на падините на Осоговските Планини, каде на 23 март 1944 година заедно херојски загинаа Раде и Љупчо, како што пишува на спомен обележјето „во борба со бугарскиот фашистички окупатор“.   

-Планинарите од ПСК „Осогово“ – Кочани, на наше барање, положија свежо цвеќе на местото на загинување на нашиот патрон, Раде Кратовче, кој заедно со Љупчо Сантов загина на истото место, во близина на селото Главовица, на Осоговските Планини. Со тишина и длабока почит се поклонија пред нивната спомен плоча, потсетувајќи нè на нивната храброст, истрајност и љубов кон татковината, велат од ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани, кое в понеделник го одбележува својот патронен празник.

Љупчо Сантов и Раде Кратовче се дел од  антифашистичкото движење во Македонија уште од почетокот на Народно ослободителната борба. Љупчо Сантов, уште како младинец, учествувал во формирањето на Читалиштето „Искра“, собиралиште на прогресивната младина и на симпатизерите на народно ослободителното движење во кочанскиот регион.

Раде Кратовче, пак, во април 1941 година учествувал во протестите против доаѓањето на окупаторот, а следната година бил затворен поради револуционерна дејност. Пред да загине, илегално работел на подрачјето на Осоговијата, најповеќе во селата Вранинци, Речани, Главовица и Пресека. ис/ев/

фото: ОУ „Раде Кратовче“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан