• четврток, 11 јули 2024

„Дебарско културно лето" со многу културни и спортски настани

„Дебарско културно лето

Дебар, 11 јули 2024 (МИА) - Традиционално и годинава, под покровителство на општина Дебар, ќе се одржи манифестацијата „Дебарско културно лето".

- Предвидени се повеќе културни и спортски настани,  кои со масовното присуство на иселениците го заживуваат градот. Очекуваме, како и изминатите години,  настаните да побудат голем интерес, рече за МИА, градоначалникот Хекуран Дука.

Од спортските настани тој ги посочува турнирот во мал фудбал, на кој освен од градот,  учествуваат и екипи од населените места. 

Исто така ќе се одржи и традиционалниот натпревар „кошарка на улица", како и турнирот во тенис.

- Културните настани веќе ги почнавме со фестивалот на детски забавни мелодии на македонски јазик "Радика фест", една убава манифестација, која годинава се одржа по 15.пат. Кога сме кај настаните за најмладите ќе се одржи и фестивалот на детска песна на албански "Биљбилат е Корабит"(Славејчињата на Кораб). Посебно е чувството на задоволство, кога присуствувате на вакви настани, каде на детската радост и нема крај,  вели Дука.

Од културните настани тука се и концертот во соработка со соседниот албански град Пешкoпеја, кој се одржува на отворено пред Центарот за култура, а на кој учесник е КУД Дибра е Маде" (Голем Дебар) од Дебар.

- И ова лето во Дебар ќе биде првата вечер од фестивалот "Ода Дибране" (дебарска соба) кој потоа продолжува во Пешкопеја. Посебно место зазема и познатиот фестивал "Албански театар во Северна Македонија", на кој учествуваат театри од нашата земја, Албанија и од Косово, посочи Дука.

Не ја отфрла можноста и за други настани, со цел постојаните жители на градот и иселениците, кои се тука, да  поминат пријатни мигови во нивниот град. вт/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан