• недела, 22 декември 2024

Градот Кјото воведува ограничувања за „Округот на гејшите“

Градот Кјото воведува ограничувања за „Округот на гејшите“

Кјото, 8 март 2024 (МИА) - Властите во Јапонија воведуваат ограничувања за посетителите во „Округот на гејшите“ Гион - едно од најпопуларните туристички места во градот Кјото. Имено, на посетителите ќе им биде забрането да влезат во неговите живописни улици.

Надлежните на овој начин, меѓу другото, ќе се обидат да се справат со драматичниот раст на туризмот во земјата, објави „Гардијан“.

Во Гион, традиционалните „геико“ и „маико“ уметнички присуствуваат на вечерни „чајанки“ и ги забавуваат гостите, но овие дами често се мета на посетители коишто сакаат да фотографираат и кои ги игнорираат предупредувањата да се држат на растојание и за воздржување од допирање на жените во скапи кимона. Имаше и поплаки дека лица нелегално влегувале во приватните имоти на жителите на тоа место.

Во декември лани, граѓаните, жалејќи се дека нивната област не е „забавен парк“, упатија повик до Градската управа да преземе мерки против непримерните туристи.

Делумната забрана за влез во тесните улици на Гион ќе стапи во сила следниот месец, иако не е јасно како ќе се спроведе сѐ тоа.

Досегашните обиди да се убедат посетителите да не им приоѓаат на жените вклучуваа знаци за предупредување и казни до 60 евра. Сѐ тоа беше неуспешно и неделотворно.

Кјото повеќе од илјадалетие бил престолнина на Јапонија - до 1868 година. Ова не е единствено место коешто денес се бори со „прекумерен туризам“ на оваа островска земја, откако Ковид-мерките беа укинати минатиот април. Инаку, тука најмногу туристи доаѓаат од Јужна Кореја и Кина, како и Тајван.  си/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан