Градоначалникот на општина Преспа за МИА: За околу две години ќе биде отворен граничниот премин Лемос-Маркова нога
- Во разговор со дописничката на МИА од Атина, градоначалникот на грчката општина Преспа Јоргос Стергиу говори за важноста на граничниот премин Лемос- Маркова нога за соработката со општина Ресен и мотото „Преспа: три земји, две езера, една дестинација“, но и истакнува дека иако растојанието меѓу Преспа и Ресен е околу 15 километри, за да се стигне од едната до другата општина треба да се свртиме цел круг преку Лерин и Битола.
Атина, 14 април 2024 (МИА) – Повеќе од половина век, поконкретно цели 57 години жителите на поширокиот регион на Преспа, како во Северна Македонија, така и во Грција чекаат граничниот премин Лемос-Маркова нога одново да биде отворен, нешто што се очекува да се случи за околу две години, како што открива за МИА градоначалникот на грчката општина Преспа Јоргос Стергиу.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Стергиу говори за важноста на овој граничен премин за соработката со општина Ресен и мотото „Преспа: три земји, две езера, една дестинација“, но и истакнува дека иако растојанието меѓу Преспа и Ресен е околу 15 километри, за да се стигне од едната до другата општина треба да се свртиме цел круг преку Лерин и Битола.
Објаснува дека повторното отворање на граничниот премин е тема за која интензивно се дискутира со години, уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа, а доцнењето, според него е од практични причини, во однос на проектите што треба да се реализираат за да може да функционира преминот.
-Денес се чини дека сме во позиција да поставиме временски рок од околу две години, бидејќи студиите за инфраструктурата се подготвени, а веќе стигнавме до финалното одредување на патот што ќе ја поврзе патната мрежа со преминот. Доколку се биде во ред, се очекува во следните месеци проектите да бидат вклучени во програма за финансирање и да започне нивната реализација, објаснува Стергиу.
Посочува дека од моментот кога проектите ќе се вклучат во програмата, процените се дека финализацијата ќе биде за две години и изразува оптимизам дека отворањето ќе се реализира во неговиот мандат.
Стергиу вели дека двете соседни општини Преспа и Ресен, „се области со заеднички карактеристики: исклучителна убавина и природна средина, но и драматично намалување на населението“, со оглед на тоа дека младите ги напуштаат селата, а граничниот премин има и практична и симболична важност.
-Кога ќе биде отворен граничниот премин ќе се промени динамиката и ќе произлезат нови можности. Ќе се создаде нова туристичка рута и во наши раце е да ја искористиме, за доброто на сите. Во однос на симболиката, очигледно е дека со отворањето на граничниот премин општина Преспа, но и општина Ресен нема повеќе да бидат на работ на државите, туку на граничен премин, а областа Преспа ќе стане центар за комуникација, истакнува за МИА Стергиу.
Иако затворениот премин ја отежнува комуникацијата на жителите на пограничните места во двете земји, сепак постои и соработка и комуникација, што во иднина секако, како што потенцира градоначалникот, „ќе се олесни и зајакне со функционирањето на преминот“.
-Да не заборавиме дека зборуваме за првиот Балкански прекуграничен парк и за соработка што се однесува на неговата заштита и одржување која постои долги години. Исто така, двете општини имаат многу заеднички проекти поврзани со инфраструктурата, цивилната заштита, но и културните споменици. Се надевам дека во иднина ќе соработуваме и во други области, со цел развој на регионот и просперитет на нашите граѓани, вели градоначалникот.
Поконкретно, објаснува дека со општина Ресен соработуваат веќе многу години и имаат многу блиски односи.
-И ние очекуваме одново да биде пуштен во функција преминот, бидејќи денес за да стигнеме во Ресен или за Јован Тозиевски да дојде тука, вртиме цел круг преку Лерин и Битола, а реално двете места се на меѓусебно растојание од околу 15 километри. Нашите цели за иднината на Преспа се заеднички, трите општини, Преспа, Ресен и Пустец, регионот го гледаме како уникатна меѓугранична дестинација. Чекориме под мотото „Преспа: три земји, две езера, една дестинација“ и мислам дека ќе успееме, истакнува Стергиу за МИА.
Градоначалникот на Преспа на локалните избори во октомври минатата година ја доби довербата од жителите на грчката општина, но иако е нов на позицијата, сепак има искуство како заменик-градоначалник, а за идните планови вели дека Преспа е најмалата општина според бројот на жители во континентална Грција и напорите на локалните власти се насочени кон „стимулирање на економијата и дополнителен развој за регионот да остане жив“.
Во март 2019 година, тогашниот министер за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров и тогашната алтернативна шефица на грчката дипломатија Сиа Анагностопулу го потпишаа договорот за отворање на граничен премин во Преспанскиот регион Маркова нога – Лемос, кусо подоцна договорот беше ратификуван и од грчкиот Парламент.
Сања Ристовска